EqualXChange 2026: Компании со повеќе жени на лидерски позиции носат 25% поголем профит

Скопје денес беше домаќин на петтото, јубилејно издание на бизнис конференцијата EqualXChange, настан посветен на лидерство, продуктивност и одржливо управување со луѓе, кој оваа година собра повеќе од 200 учесници од бизнис секторот, институциите и граѓанските организации.

Конференцијата, организирана од GEA – Алијансата за родова еднаквост на работните места, иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (AETM), годинава испрати порака дека родовата еднаквост повеќе не е само општествена тема, туку клучен фактор за успешен и конкурентен бизнис.

-Компаниите со поголема родова разновидност во лидерските тимови имаат до 25 проценти поголема веројатност за натпросечна профитабилност- беше истакнато на конференцијата, повикувајќи се на глобално истражување на McKinsey & Company.

На конференцијата говореше и Марија Ристовска од GEA, која потенцираше дека алијансата се залага за еднаква застапеност на сите нивоа, еднакви можности за напредок и еднаква плата за иста работа.

Таа истакна дека EqualXChange од инспиративен настан прераснал во платформа за реални и зрели разговори за долгорочни промени во работната култура.

-Еднаквите работни средини не се создаваат преку еден настан или една иницијатива, туку преку континуирана соработка, свесност и заедничка одговорност-, порача Ристовска заблагодарувајќи им се на компаниите, партнерите и организациите кои ја поддржуваат мисијата на GEA.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков, нагласи дека компаниите мора да носат одлуки базирани на податоци и да градат политики што овозможуваат еднаквост.

Посебен фокус годинава беше ставен и на дигиталната трансформација и финансиската писменост како неопходен дел од современото работење.

Маја Котевска од EOS Matrix зборуваше за дигиталната трансформација како секојдневен процес во компаниите, додека Билјана Мишиќ од Iute објасни дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку начин за поефикасно работење и подобро корисничко искуство.

Емилија Спировска од ПроКредит банка потенцираше дека успешната дигитална трансформација започнува со јасна бизнис стратегија и добро дефинирани процеси во компанијата.

-Прво треба да се знае кој, кога и што прави во компанијата, а потоа да се воведува дигитална трансформација- истакна Спировска.

На конференцијата се обрати и заменик амбасадорката на Шведска, Елизабед Далберг Фриск, која ја нагласи важноста на инклузивните политики и одржливото лидерство.

Јубилејното издание на EqualXChange уште еднаш потврди дека темите како еднаквост, инклузивност, лидерство и дигитална зрелост стануваат суштински дел од модерното корпоративно работење и предуслов за долгорочен успех.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот