Елена Божиновска: Родителите се крилја, кога имаш две – леташ полесно, кога имаш едно – тешко е!

Наместо торта за нејзиниот роденден, Елена Божиновска нè почести со нешто многу поубаво. Искрена, емотивна исповед каква што само убавите души умеет да дадат.

Родена е на денешен ден, 20.април, пред 20 години, во Скопје. Елена е дел од тимот на Здружението за родова еднаквост „Една може“, управителка на „Младите на Една може“, ко-основачка на апликацијата „Walkiie“ за лица со попреченост, моментално координаторка за социјални мрежи во „Џолев и уметностите“ и студентка на Американ Колеџ.

Елена израснала само со мајка. Вели дека во Македонија секако ќе живееш со предрасуди и стереотипи од околината, без разлика што и да правиш, кој и да си. Но ако си дете од семејство на самохрана мајка шансите за тоа се уште поголеми.

Да се расте само со мајка не е ни блиску до лесно, созреваш порано, порано се градиш како личност бидејќи животот порано ти удрил шлаканица отколку на другите деца. Порано си ја научил горчината на животот, едноставно си пораснал предвреме.

– Слушав секакви непожелни муабети од децата во училиште, нивните родители, понатаму во животот и од различни луѓе кои, за среќа беа само во пропратни епизоди. Но, многу е важно да имаш поддршка, да не западнеш во тој лавиринт дека не си доволно добра или дека можностите ти се скратени ако доаѓаш од еднородителско семејство. Да се расте само со мајка не е ни блиску до лесно, созреваш порано, порано се градиш како личност бидејќи животот порано ти удрил шлаканица отколку на другите деца. Порано си ја научил горчината на животот, едноставно си пораснал предвреме.

Не може да одвои еден и најдобар совет од својата мајка, бидејќи во неа препознава мудра, борбена и уникатна личност, личност полна со разбирање, мајка со чии совети секојдневно расте(ла) и ги применува(ла).

Сепак, некои од најомилените совети за Елена од мајка си се: „Во мене секогаш имаш пријател. Само јас нема да прекинам да те сакам, никогаш. Кога нешто лошо ќе се случи, секогаш мене јави ми се прво. Сè можеш сама. Биди своја. Не зависи никогаш од друг, најмалку од маж. Не знаеш што може да се случи утре. Можеш сè што може и секое машко. Сè што ќе правиш во животот, прави го за себе, за свое задоволство, не за да импресионираш некого“ и безброј други совети за кои можам роман да напишам (се смее, н.з).

Елена е дел од тимот на Здружението за родова еднаквост „Една може“, управителка на „Младите на Една може“, ко-основачка на апликацијата „Walkiie“ за лица со попреченост, моментално координаторка за социјални мрежи во „Џолев и уметностите“ и студентка на Американ Колеџ

Ја прашувам оваа ведра девојка дали имала машка фигура во животот и кој бил тоа, но и какво влијание имал тој во нејзиниот живот. Вели дека потекнува од големо семејство, од кое секогаш добивала поддршка. Тука биле нејзините братучеди, што повеќе ѝ се како браќа, потоа, вујко ѝ, чичковците, дедовците. Сите тие имале значајна улога во растењето на Елена, а и сè уште се премногу заштитнички насочени кон неа. Сè тоа пак, ѝ помогнало во градење како личност, зашто секогаш се труделе ништо да не ѝ недостига, секогаш биле тука за Елена. Без нив вели дека сигурно немала да биде она што е денес.

– Но делот кој секогаш ќе фали е тој. Многу самохрани мајки во текот на работењето во „Една може“ ме прашуваа – секогаш ли ќе им фали на моите деца? Одговорот е да. Ништо и никој не може да го замени местото на родителот, за жал, тоа е факт. Таа рана никогаш не зацелува. Но со текот на времето само закрепнува. Но никако не можам да ги изоставам и сите жени, членови на мојата фамилија, значајни за мене, подеднакво инспиративни и свои. Можам само да кажам дека потекнувам од навистина прекрасна фамилија, во која зрачи блискост и топлина, никогаш караници и лоша енергија. Такви се и моите најблиски пријателки, моите колеги и колешки. Едноставно, сите луѓе кои се добри души и кои навистина ме сакаат, ни раскажува Елена.

Смета дека и доколку растела со двајцата родители, веројатно би била успешна, зашто – како што вели – ќе растела со истата мајка, ќе ја имала истата поддршка од неа, истиот поттик и мотивација да го смени општеството.

– Веројатно ќе бев успешна, но дали волку – веројатно не. Ама веројатно и никогаш нема да го знаеме одговорот на тоа прашање. Единствено од причината што загубата на татко ми ме направи најсилна и најкршлива во исто време. Научив сè сама да правам во животот, сама се борев, сама грабав можности и искуства, додава таа.

Доколку ви треба поддршка за било каков проблем, за било каков совет, ме имате мене, го имате „Една може-млади“, подружницата за деца и млади од еднородителски семејства.

Која е пораката на Елена до децата со судбина слична на нејзината?

– Велат дека ние децата сме како птици, а родителите се нашите крила. Кога имаш две, си леташ полесно, кога имаш едно е двојно потешко. Знам дека е тешко. И знам дека може да биде голем предизвик, знам дека може да мислите дека сте во безизлезна ситуација. Доколку ви треба поддршка за било каков проблем, за било каков совет, ме имате мене, го имате „Една може-млади“, подружницата за деца и млади од еднородителски семејства. Го основавме за вас и се надевам ќе трае уште долго и ќе им помогне на многу деца од еднородителски семејства. Таму не осудуваме, никого не обвинуваме, си ја разбираме болката и се поддржуваме!, вели Елена и продолжува:

– И уште нешто – бидете свои, и немојте само да верувате во соништата туку и борете се за нив. Навистина може да го промените светот доколку сакате, можете да бидете сè што сакате. Погледнете до каде стигнав јас! Полека остварувам сè што сум замислила и посакала. Но имав многу непроспиени ноќи, многу пати бев исплашена. Прашајте ме за совет. Зграпчете ја секоја прилика во вашиот живот, зашто е ваш и еднаш го живеете. Не дозволувајте никој да влијае на изборите кои ги правите, бидете уникатни. Направете го својот родител горд. На крајот од денот, вие сте им сè на вашите родители и тие се оние кои безусловно ве сакаат и би направиле сè за вас.!

Моќните пораки кои ги упатува Елена на самохраните родители се доволен доказ дека таа навистина пораснала пред време. Можеби во слична ситуација сте се нашле токму сега, или можеби така било од почетокот. Можеби, негде на средина. Но не сте единствени, не сте сами. Борете се за вашите деца, да им обезбедите светла и убава иднина, како што вели Елена.

– Останете позитивни, не се чувствувајте виновни доколку ви е тешко и ако ви треба помош – побарајте ја! Секогаш има некој што ќе ви го чува грбот. Потребни сте им на децата, исто како што тие ви се потребни вам. Доколку имате девојче – носете го и на фудбал, ракомет и кошарка. Тоа го практикуваше и мајка ми и пораснав во девојка која сака и кошарка и балет. Исто и доколку е момче – нема ништо погрешно да оди на театар, балет, опера.. Растете ги вашите деца на начин да знаат дека се навистина силни!, завршува Елена Божиновска.

Па, среќен ти роденден Елена, и продолжи да газиш цврсто низ животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот