Експресна реакција, уапсен навивач поради навреди упатени кон Фред

twitter/City Chief

Манчестер јунајтед со 2:1 го совлада Манчестер сити во рамките на Премиер лигата и покажа дека црвената боја е главна во градот, но средбата ја одбележа уште еден немил инцидент. Во второто полувреме, дел од домашните навивачи го навредуваа на расна основа фудбалерот на Јунајтед, Фред, кој згора на тоа беше и погоден со пластично шише.

Веднаш по натпреварот, Манчестер сити кој беше домаќин во градското дерби, соопшти дека тесно соработува со полицијата и наведе дека на одговорните лица за инцидентот ќе им биде доживотно забранет влезот на стадионот.

Денеска пристигна експресна реакција од полицијата, тие веќе уапсиле едно лице.

„Едно лице е уапсено откако на социјалните мрежи се појави видео снимка на која се гледа како еден навивач, очигледно на расна основа го навредува фудбалерот на натпреварот Манчестер сити – Манчестер јунајтед.
Инцидентот беше пријавен во полиција уште за време на натпреварот. 41-годишен маж е уапсен поради расистичко реметење на ред и мирот и е задржан во притвор. Би сакале да и се заблагодариме на јавноста за соработката со полицијата поради овој инцидент“, стои во соопштението на полицијата во Манчестер.

твитер

Од друга страна, фудбалерот на Јунајтед, Фред, веднаш по натпреварот изјави дека за инцидентите се виновни „заостанатите маси кои и понатаму не сфаќаат дека луѓето не смеат да се разликуваат по бојата на кожата“.

Инцидентот на „Етихад“ ги возбуди страстите во Англија, а фудбалска федерација најави дополнителна истрага во врска со инцидентот и е отворена за нови законски одлуки со кои би се спречиле идни вакви инциденти.

„Дури ниту овој идиот нема да го уништи расположението. Срамно однесување, можеби е дерби натпревар но не постои ниту една причина да се биде расист“, напиша на својот Твитер-профил, Џеси Лингард.

Сезонава веќе се забележани неколку напади на расна основа низ Европа, но за прв пат се случува во Англија и од англиски навивачи.

За време на квалификациите за ЕП 2020во октомври годинава, во Софија, англиските црномурести репрезентативци беа навредувани со мајмунски извици и со нацистички поздрави од страна на бугарските навивачи.

Најголеми проблеми со расизмот има во Италија каде во последните неколку сезони се почесто се случуваат вакви инциденти. Токму поради тоа, минатата недела сите 20 екипи од Серија А објавија соопштение во кое повикуваат на одлучна борба за искоренување на расизмот од трибините.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот