Фото: Приватна архива

Експертите предупредуваат: Не е секој алкохол ист – виното и пивото немаат ист ефект врз срцето

Луѓето кои умерено консумираат вино имаат помал ризик од смрт од кардиоваскуларни болести, од оние кои никогаш не пијат вино, додека дури и мала доза пиво и жестоки пијалаци го зголемува тој ризик, објавено е во најновата студија на Американскиот колеџ за кардиологија, пишува „Фокс њуз“.

Истражувањето, кое било презентирано на годишната научна сесија на Американскиот колеџ за кардиологија од 28 до 30 март, следело повеќе од 340.000 возрасни Британци помеѓу 2006 и 2022 година, а анализирајќи ги смртните случаи од кардиоваскуларни болести, откриено е дека умерените консументи на вино имале 21 отсто помал ризик од смрт од оваа болест од луѓето кои никогаш не пиеле или повремено пиеле вино.

„Спротивно на тоа, дури и најнискиот внес на жестоки пијалаци или пиво бил поврзан со девет отсто поголем ризик од смрт од кардиоваскуларни болести, во споредба со оние што никогаш не пиеле или пиеле повремено“, се наведува во соопштението на Американскиот колеџ за кардиологија во Вашингтон, пренесува „Фокс њуз“.

Големото консумирање алкохол, исто така, ги зголемило целокупните здравствени ризици, а луѓето со висок внес на алкохол имале 24 отсто поголема веројатност да умрат од која било причина.

Според резултатите од истражувањето, луѓето со висок внес на алкохол имале 36 отсто поголема веројатност да умрат од рак и 14 отсто поголема веројатност да умрат од кардиоваскуларни болести.

Американскиот колеџ за кардиологија наведува дека студијата е опсервациска, што значи дека наодите покажуваат поврзаност помеѓу смртноста и консумирањето алкохол, но не можат да докажат причина и последица.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот