Експертите откриваат: Овие намирници може да го заштитат вашето срце ако седите по цел ден
Седечкиот начин на живот носи бројни здравствени ризици, а продолженото седење е особено стресно за срцето и може да доведе до висок крвен притисок. Сепак, едно истражување открива дека негативните ефекти можат да се ублажат со правење паметен избор на храна. Клучот е во храната богата со флаваноли, која треба да ја вклучите во вашата дневна исхрана, пишува „Вери вел хелт“.
Препорачано
Истражувачите откриле дека пиењето какао богато со флаваноли пред седење два часа може да помогне во неутрализирањето на штетните ефекти. За среќа, какаото не е единствениот сојузник на вашето срце. Други намирници кои нудат исти придобивки вклучуваат зелен и црн чај, зелен лиснат зеленчук, бобинки, сливи и јаткасти плодови.
Професорката по нутриционистички науки, Жанет Андраде, објасни каде се наоѓаат овие корисни соединенија.
– Флаванолите не се наоѓаат во многу видови месо или скробна храна, со исклучок на киноата. Тие доаѓаат главно од темно обоено овошје и зеленчук како кељ, спанаќ, темна зелена салата, боровинки, малини и капини – објаснува таа.
Зошто е важно да се консумираат овие намирници непосредно пред долго седење?
Одговорот лежи во времето на апсорпција. Катарина Рендеиро, главен автор на студијата, објаснува: „Флаванолите обично се апсорбираат во крвотокот приближно 30 до 60 минути по внесувањето, со максимална достапност околу два часа и обично се елиминираат од крвта по четири часа. Во овој период се манифестираат опишаните придобивки.“
Важно е да се знае дека не сите намирници имаат ист ефект – на пример, боровинките го достигнуваат својот врвен ефект околу еден час по консумирањето.
Затоа, овие намирници се одличен избор за ужина во текот на работниот ден, особено кога не сте во можност да станете, да шетате и да ги истегнете нозете. Една рака бобинки или јаткасти плодови може да биде лесен начин да направите нешто добро за вашето срце.


