Фото: Elena Elisseeva / Panthermedia / Profimedia

Експертите открија: Дали пилешката супа навистина помага при настинка?

Пилешката супа со генерации е утешителен оброк и прв избор за секој што се бори со настинка или грип. Во многу култури се смета за традиционален лек, но се поставува прашањето – дали постои научна основа што потврдува дека чинија топла супа навистина ни помага да се опоравиме од респираторни инфекции, пишува „Индепендент“.

За да се пронајде одговорот на тоа прашање, бил спроведен систематски преглед на научните докази за улогата на супата во лекувањето на акутни респираторни инфекции како што се настинки, грип и ковид-19. Иако истражувањето е сè уште во рана фаза, резултатите се ветувачки. Од повеќе од 10.000 анализирани записи, издвоени се четири релевантни студии со вкупно 342 учесници. Една од нив покажа дека испитаниците кои јаделе супа се опоравиле и до два и пол дена побрзо од оние кои не јаделе. Симптомите како што се затнат нос, болки во грлото и замор биле значително поблаги.

Уште повеќе, кај некои учесници биле забележани пониски нивоа на маркери поврзани со воспаление, супстанции во крвта што се зголемуваат додека имунолошкиот систем се бори против инфекцијата. Конкретно, протеините IL-6 и TNF-α, кои ги поттикнуваат воспалителните процеси, беа пониски кај луѓето кои ја консумирале супата.

Ова сугерира дека супата може да го ублажи претераниот имунолошки одговор, правејќи ги симптомите помалку сериозни, а закрепнувањето попријатно. Сепак, важно е да се напомене дека студиите не истражувале како консумирањето супа влијае на секојдневниот живот, на пример, дали го намалува бројот на денови за боледување или веројатноста за хоспитализација, што останува клучно прашање за идните истражувања.

Зошто супата делува?

Постојат неколку можни објаснувања зошто супата помага. Топлината и течноста го хидрираат телото и можат да помогнат во разредувањето на слузта и ублажување на болките во грлото. Покрај тоа, супите често се богати со хранливи материи, а состојките како лук, кромид, ѓумбир и лиснат зеленчук се познати по своите противвоспалителни и антимикробни својства кои го зајакнуваат имунитетот.

Повеќе од обичен оброк

Ефектот на супата не е само физички. Постои и силен културен и психолошки аспект, каде што храната станува дел од грижата за себе. Во многу семејства, подготовката на супа за болен член не е само оброк, туку и симбол на грижа, сигурност и воспоставена рутина.

Претходните истражувања покажале дека родителите често се свртуваат кон традиционалните лекови како што е супата како прва линија на одбрана, долго пред да побараат лекарски совет. Ова ја одразува важноста на културолошките познати третмани кои се сметаат за безбедни и сигурни бидејќи се дел од воспитувањето и општествените норми.

Едноставно и ефикасно решение

Пилешката супа е едноставна за подготовка, достапна е според цената е и генерално сигурна, а воедно е препознаена и како утешен домашен лек. Сепак, прегледот на студиите ја истакнал потребата од понатамошни истражувања. Идните студии би можеле да испитаат стандардизирани рецепти за да утврдат дали одредени комбинации на состојки делуваат подобро од другите – на пример, дали пилешката супа има ист ефект како зеленчуковата супа?

Исто така е важно да се мерат конкретните исходи како што се брзината на враќање на работа или училиште, како и општите нивоа на енергија и квалитетот на сонот во текот на болеста. Иако супата не е замена за лекови, со доволно одмор, течности и, доколку е потребно, парацетамол, таа може да биде едноставен и делотворен начин за ублажување на симптомите и побрзо закрепнување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот