ЕКОНОМСКИ ПРЕДИЗБОРНИ ВЕТУВАЊА: Партиите се наддаваат со плати и со пензии за граѓаните

Раст на БДП од 4 проценти, 600 милиони евра за поддршка на домашни и на странски инвестиции, 10.700 минимална пензија, 40 проценти раст на минимална плата и 30 проценти раст на просечната плата, како и 1.250 километри нови патишта – се клучните ветувања на коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, што треба да ги оствари до крајот на својот мандат, ако победи на изборите.

Аргументите на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната трка, како цели за еден мандат се: раст на БДП од 4 до 5 проценти, зголемување на плати за 25 проценти, домашни и странски инвестиции од 4 милијарди евра, 20 проценти раст на пензиите, минимална плата во висина од 60 проценти од медијалната плата (платата што се наоѓа во средината од низа во која се наредени сите плати во државата, од најмалата до најголемата) и реконструкција, рехабилитација и проширување на најмалку 1.000 километри магистрални, регионални и локални патишта.

Но, колку и дали може да се исполнат сите овие ветувања, особено сега, кога е во ек пандемијата, е централното прашање. Навистина, во самите програми има оградувања, па така СДСМ ветува дека раст на минималната плата за 40 проценти ќе има до крајот на мандатот, но додека трае кризата таа ќе биде 14.500 денари.

Аргументи за плати

Во однос на ветувањата за раст на просечната плата, лидерот на СДСМ уверува дека е тоа остварливо.

– Ако за две и пол години успеавме минималната плата да ја зголемиме за 5.500 денари, од 9.000 на 14.500 сигурни, сме дека можеме во полн мандат од 4 години да ја зголемиме за дополнителни 5.500 и дека минималната плата ќе изнесува 20.000 денари. Можеме да ја зголемиме и просечната плата на 34.000 денари – истакна Заев.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се ветува: „Зголемување на платите за 25 проценти во период од четири години преку системско подобрување на продуктивноста“. Ова би значело дека просечната нето-плата во државава, ако се тргне од податоците за последниот просек, би била 32.287 денари до крајот на мандатот. Притоа, според Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, и во јавниот сектор ќе има кумулативно зголемување до 25 проценти до крајот на мандатот.

„За подобрување на животниот стандард на просветните, здравствените, културните и социјалните работници, на вработените во судството, полицијата и во војската и на сите вработени во државната администрација и во јавниот сектор платите ќе се зголемат и тоа:  минимум 5 проценти со исплата на јануарска плата во 2021 година, минимум 5 проценти со исплата на јануарска плата во 2022 година. Имајќи ја предвид здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, можно е мало одложување на оваа мерка за не повеќе од една година“, пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Различни закони за зголемување пензии

Заев вети дека ќе има минимална пензија од 10.700 денари, односно дека најниските пензии ќе се зголемат за 21 отсто до 2024 година. Во Програмата на СДСМ е наведено дека пензиите во иднина ќе се усогласуваат во согласност со трошоците на живот. Така е и сега, според законските измени што се изгласа во времето на СДСМ. Но токму овие измени беа остро критикувани од ВМРО-ДПМНЕ, кое во свое време пензиите ги исплатуваше според законско решение каде што усогласувањето зависеше од две компоненти: 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот, односно од инфлацијата. Токму поради ниската инфлација, наспроти растечкиот тренд на просечните плати, ВМРО-ДПМНЕ вадеше пресметки според кои сегашниот закон овозможува помал раст на пензиите. Во својата програма ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе го врати старото законско решение.

ВМРО-ДПМНЕ сака да ги врати промоторите низ светот

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е и старото решение за враќање на промоторите низ светот што ќе работат на привлекување на странските инвеститори.

„Со овој проект ќе се промени пасивниот концепт што беше практикуван во изминатите три години со еден нов проактивен пристап, преку повторно градење мрежа на промотори што ќе работат на привлекување на оние странски компании, кои ќе бидат селектирани како најподобни за македонската економија. Овие промотори ќе бидат лоцирани во оние земји и региони каде потенцијалот за привлекување на странски инвестиции е најголем“, пишува во програмата „Обнова“.

Во програмата на СДСМ, во делот за странски инвеститори пишува дека износот на странски инвестиции ќе биде најмалку една милијарда евра за 4 години, засновани на иновации, висок степен на финализација на производи и услуги и одржливост на бизнисите.

И двете партии предвидуваат и мерки за јакнење на домашната економија, создавање поповолна бизнис-клима, но и поврзување на домашните компании со странските.

Во однос на земјоделството, во програмата на СДСМ е предвидена годишна поддршка од 200 милиони евра, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ од 100 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот