Екологистите за одобренијата за градење на Водно: За ова ли ја „заштитивте“ планината?

Водно фото МИА

Сега се гледа зошто перфектно сочувана садена борова шума, со висок квалитет, со жив свет во неа, подигната да го заштити Скопје од порои од Водно, е тргната од заштитено подрачје Водно со амин на експертите и на биолозите кои ја кроеа Студијата за Водно – за да и ги отворите портите на урбаната мафија и на коруптувните зделки, реагираат од „Го сакам Водно“ на дозволите за градба издадени од Општина Центар врз основ на спорни ДУП-ови. Со вака скроената заштита се отвора можноста за засилена урбанизација на подножјето на Водно, кое и досега било нападнато од нелегални градби, како и од изградба на објекти со дозвола и според детални урбанистички планови со сомнителен квалитет и со коруптивни заднини, наменета за задоволување на апетитите на поединци со длабок џеб и со звучни имиња, додаваат оттаму.

Од „Го сакам Водно“ укажуваат дека пред Владата да го усвои сегашниот предлог за прогласување на Водно за заштитено подрачје од најниска категорија на заштита, со која е дозволена градба на станбени објекти и на хотели во некогашната парк-шума, Водно уште од 1976 година имало повисока заштита со која се забранувала урбанизацијата на зелениот појас над градот, па и таа не се почитувала. Со ваквото предложено решение, критикуваат од Го сакам Водно, јасно се гледа намерата урбанизацијата на Водно уште повеќе да се олесни.

Сегашниот степен на заштита на Водно предвидува дозволено градење на дури 40 проценти од територијата на Водно, а екологистите критикуваат дека Град Скопје и општините во чии територии спаѓаат делови од Водно брзаат со одобренија за градба, иако се уште не се определија границите на ерозивното подрачје и подрачјето загрозено од ерозија и не се утврдени мерките и работите за заштита на земјиштето од ерозија и уредувањето на пороите.

Екологистите неколкупати отворено се спротиставија на концептот на заштита на Водно понуден од Министерството за животна средина укажувајќи дека тој не нуди суштинска заштита на планината и нејзините природни карактеристики и на општествената функција која ја извршува, односно заштитата од поплави. Тие бараат стопирање на ваквата одлука и донесување на закон за заштита на Водно, што беше и ветено од страна на Владата во 2018 година, кога стартуваше изградбата на гасоводната траса преку планината.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот