фото: „Еко-свест“

„Еко-свест“ со акција: Рисови и волци „бараат“ станови низ Скопје

Огласи „Барам стан“ со фотографии на рис, лисица и мечка деновиве се појавија на повеќе локации во Скопје. Се работи за акција на организацијата „Еко-свест“, која вели дека животните си „бараат“ стан бидејќи уништувањето на нивните природни живеалишта ги приморало да бараат спас во градот.

„Сечењето на шумите, шумските пожари, сè поголемата урбанизација на природните средини и малите хидроцентрали, се причини кои го загрозуваат опстанокот на овие животни“, посочуваат од организацијата.

Со оваа кампања еко-активистите сакаат да ја подигнат свеста кај граѓаните за состојбата во која се наоѓаат животните во Македонија.

Фото: „Еко-свест’

„Рисот, волкот, лисицата, мечката, не се само митски битија кои живеат во македонските народни приказни, туку тоа се вистински живи суштества, кои во исто време со нас, опстојуваат во оваа држава“, вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во „Еко-свест“.

Споре Манојлоска, заклучоците од Меѓународната конференција за природа, одржана во Скопје минатата година, уште еднаш потврдиле дека природата е приоритет.

„Како приоритет број еден се издвои потребата од итно усвојување на Законот за природата. Во постапката на подготовка на законот потребно е да се вклучат релевантни институции, експерти, граѓански организации како и управителите со заштитени подрачја“, посочува претставничката на „Еко-свест“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот