Ејуп Рустеми: Стопиран е платниот промет преку Пошта
Генералниот директор на Пошта на Северна Македонија Ејуп Рустеми информираше дека поради престанокот со работа на Евростандард банка, Пошта го стопира платниот промет.
Препорачано
– Ова значи дека е стопирана наплатата на сите сметки, вклучително и на оние за струја и за други режиски трошоци. Исто така престанува исплатата на пензии и на социјална помош и на целиот безготовински платен промет за депонентите на Еуростандард банка. Пошта тоа го правеше во име на Еуростандард банка и за услугата си наплаќаше – вели Рустеми.
Тој рече дека затворањето на Еуростандард банка има големи негативни финансиски последици и врз работењето на Пошта.
– Од услугите што ги правеше пошта за Еуростандард банка, за 6 месеци се наплати 110 милиони денари, или тоа е 19,4 отсто од вкупните приходи што ги остваривме. Во услови на пандемија, кога има значителен пад на меѓународниот поштенски сообраќај, ова беа многу значајни приходи – вели Рустеми.
Генералниот директор рече дека во Пошта има 880 вработени, а од услугите што се реализираа во име на Еуростандард банка, се обезбедуваше плата за 560 вработени.


