Едноставен десерт без печење – рецепт за чизкејк со јагоди
Овој чизкејк со јагоди, кој не се пече, е инспириран од класичниот американски чизкејк, но во многу поедноставна верзија. Не ви е потребна рерна, но ќе треба малку трпение додека се стегне во фрижидер, пишува „Пун куфер“.
Препорачано
Совршен е за топли денови – го обожаваат и возрасни и деца.
Потребни состојки
Подлога
- 105 г бисквити (грахам или мелени бисквити)
- 55 г путер, растопен
- 2 лажици (40 г) нутела
- 2 лажици кафеав шеќер
- прстофат сол
- 2 лажици какао
Прелив од јагоди
- 455 г јагоди (свежи или замрзнати)
- 55 г шеќер
- 1/2 мешунка ванила
- 1,5 кесички желатин во прав
- 2 лажици вода (за варење)
- 2 лажици ладна вода (за желатинот)
Крема
- 450 г крем-сирење (на собна температура)
- 75 г шеќер во прав
- 1 лажичка екстракт од ванила
- околу 300 мл прелив од јагоди
- 120 мл слатка павлака за шлаг
- свежи јагоди за декорација
Подготовка
Измелете ги бисквитите во фин прав. Додадете ги растопениот путер, нутелата, шеќерот, какаото и солта, па добро измешајте додека добиете хомогена смеса. Смесата притиснете ја во калап (20–23 см), рамномерно по дното и малку по рабовите. Ставете во фрижидер додека го подготвувате остатокот.
Во тенџере измешајте ги јагодите, шеќерот и водата, па варете на средна температура додека омекнат. Потоа изблендирајте во мазно пире. Желатинот посипете го со ладна вода и оставете да набабри 1–2 минути. Додадете го во топлото пире и мешајте додека целосно не се растопи. Одвојте околу 180 мл од преливот за горниот слој.
Изматете ги крем-сирењето и шеќерот во прав додека не станат кремасти. Додадете ванила и поголем дел од преливот од јагоди.
Во посебен сад изматете ја слатката павлака во средно цврст шлаг, па внимателно соединете ја со кремата.
Смесата истурете ја врз подлогата и лесно протресете го калапот за да излезе воздухот.
Ставете во фрижидер околу 2 часа, додека не се стегне.
Потоа прелијте со преостанатиот прелив од јагоди (ако е згуснат, кратко загрејте го). Вратете во фрижидер уште 30 минути.
Пред сервирање, поминете со нож по рабовите за полесно вадење. Декорирајте со свежи јагоди и послужете добро изладено.


