Една од најголемите градежни фирми во земјава не може да учествува на тендери, има судска забрана
Компанијата која има добиено десетици државни тендери и е една од најголемите градежни фирми во Македонија, „Стентон градба“ од Битола, е меѓу компаниите на кои Основниот суд Прилеп им изрече забрана за учество во јавни набавки, по неодамнешната истрага на Финансиската полиција и Обвинителството за злоупотреби во прилепската болница, пишува „Фактор“.
Препорачано
Ваква забрана добиле вкупно седум фирми од повеќе македонски градови.
„Стентон градба“ во мај веќе беше прозвана од актуелната власт дека е компанија наменски формирана за добивање тендери. Но, компанијата и во изминатиот период добивала големи тендери, како оној за изградба на градинка во Битола, обезбедување градежен материјал за браната „Отиња“, а таа ги реновираше салите за операции на клиниката „Мајка Тереза“.
Неправосилното решение од Судот се однесува на сите видови постапки за јавни набавки. „Стентон Градба“ е втора голема битолска компанија која е под истрага. Претходно, на „Марковски компани“, позната по големите договори за ископ на јаглен за РЕК Битола, исто така ѝ беше забрането да учествува на тендери, а потоа сопственикот Борче Марковски беше уапсен и притворен за злоупотреби со тендер.
Од компанијата за „Фактор“ велат дека во ова се вовлечени како подизведувач во тендер со многу мала сума од само неколку десетина илјади денари и дека поднеле жалба на судската одлука.


