Фото: Profimedia

Џон Галијано се враќа во модата, започнува двегодишна креативна соработка со „Зара“

Британскиот моден дизајнер Џон Галијано се враќа на модната сцена преку нова креативна соработка со шпанскиот моден бренд „Зара“. Станува збор за двегодишно партнерство во рамки на кое Галијано ќе работи на „реавторирање“ на архивските модели на брендот.

Галијано ја потврди соработката за време на Неделата на модата во Париз, објаснувајќи дека во моментот работи на селекција и редизајн на дел од поновите колекции на „Зара“.

„Ги разгледувам архивите на брендот и идејата е повторно да ги интерпретирам тие модели“, изјави дизајнерот за „Вог“.

Проектот се реализира во соработка со Марта Ортега Перез, претседателка на групацијата „Индитекс“, матичната компанија на „Зара“. Таа е ќерка на основачот на компанијата, Амансио Ортега.

Галијано објасни дека со Марта Ортега се запознал преку фондацијата „МОП“, која организира изложби посветени на модата и фотографијата во шпанскиот град А Коруња.

Тој посочи дека токму необичниот карактер на проектот бил клучен мотив да го прифати.

„Многу сум возбуден, бидејќи ова не е нешто што сум го правел досега. Таа новина и самиот процес ме инспирираат. Дури и со мојот тим постојано повторувам: ова не е тоа што го мислите – ние ‘реавторираме’“, изјави Галијано, додавајќи дека пристапот го смета за креативно одржлив и многу интересен.

Оваа соработка е специфична и по тоа што ќе трае две години, што е значително подолг период во споредба со претходните модни партнерства на „Зара“. Брендот во изминатите години соработуваше со повеќе познати имиња од модната индустрија, меѓу кои Нарцисо Родригез и Стефано Пилати, како и со личности како Кејт Мос.

Галијано во модната индустрија важи за една од највлијателните дизајнерски фигури. Од 1997 до 2011 година беше креативен директор на модната куќа „Кристијан Диор“, а потоа десет години ја водеше модната куќа „Мезон Маржела“. Неговата последна колекција за „Маржела“ беше претставена во 2024 година.

По заминувањето од „Маржела“, дизајнерот направи пауза од модата. Во изминатите две години, како што самиот вели, времето го посветил на патувања, музеи и лична креативна рефлексија.

„Ми беше важно да се тргнам од тој интензивен ритам и повторно да се поврзам со сопствената интуиција“, изјави Галијано, додавајќи дека токму тој период му помогнал да размисли за следниот чекор во кариерата.

Новата соработка со „Зара“ означува негово официјално враќање во модната индустрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот