Џаферовиќ: Побарав од ЕУ да ѝ додели кандидатски статус на БиХ

Урсула фон дер Лајен, Шафик Џаферовиќ, Шарл Мишел и Емануел Макрон
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседавачот со претседателството на БиХ, Шафик Џаферовиќ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и францускиот претседател Емануел Макрон / 23 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/JOHN THYS

Претседавачот со Претседателството на БиХ, Шафик Џаферовиќ денеска во Брисел изјави дека побарал од ЕУ да ѝ додели статус на кандидат за членство на Босна и Херцеговина, додавајќи дека ако некоја земја заслужува да го добие тој статус, тоа е БиХ.

По Самитот ЕУ – Западен Балкан, Џаферовиќ изјави дека на средбата била отворена дискусија, која секако покажала дека постои јасна и недвосмислена европска перспектива на сите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ.

„На државите им е дадена поддршка во исполнувањето на условите и колку побрзо ги исполнат условите, толку побрзо ќе станат членки на ЕУ и тоа денеска е сосема јасно“, рече Џаферовиќ.

Знамињата на Босна и Херцеговина и Европската унија
Знамињата на Босна и Херцеговина и Европската унија / 23 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Тој додаде дека на средбата посочил и дека би било неправедно БиХ да биде изоставена од статусот кандидат за членство, откако Европската комисија одлучила да му предложи на Советот – на Украина и на Молдавија да им се додели тој статус, за кој рече дека е очигледно направено од геостратешка и геополитичка причина.

„Мислам и реков дека би било неправедно БиХ да биде изоставена од доделување кандидатски статус, исто така од геостратешки и геополитички причини, имајќи предвид низ што помина БиХ. Побарав од Советот да ѝ додели кандидатски статус на БиХ и не знам дали тоа ќе биде случај“, рече Џаферовиќ.

Тој додаде дека не знае каква одлука ќе донесе Советот, но дека во моментов може со сигурност да каже дека во иднина ќе има многу поблиски односи меѓу земјите од Западен Балкан и администрацијата на ЕУ.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот