„Два од два“ за МЗТ Скопје, триумф и над Здравље Лесковац
Втора победа во вториот пријателски пријателски натпревар за играчите на МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона, овојпат на домашен терен против српскиот прволигаш Здравље Лесковац (81:72), откако претходно беа подобри на гостувањето кај десеткратниот грчки шампион, Арис.
Препорачано
Ова беше цврст и борбен дуел против исклучително агресивен противник, во кој клубот од Аеродром го контролираше резултатот во сите 40 минути и во кој победата не беше доведена во прашање. Шанса добија и помладите, а македонскиот првак настапи без полесно повредените Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Андреј Андоноски, како и без Адем Мекиќ и Бре Ајви.
Мајк Кафи беше најпрецизен со 16 поени, Самит Јигитоглу постигна 15 поени, Страхиња Миќовиќ и Дамјан Стојановски реализираа по 13 поени, додека Војдан Стојановски запиша 12 поени.
Од останатите, Димитар Пандев постигна шест поени, Еван Максвел четири, а Андреј Магдевски два поени. На паркетот се појавија и Бојан Величковски, Димитар Иванов и Никола Василевски.
Следен контролен предизвик за „сино-белите“ е „Земун купот“ во Белград (16 и 17 септеври) каде што ќе настапат и екипите на Младост Земун, Вршац и Борац Бања Лука.


