Дуро: Треба да го заборавиме првиот меч, Есперанж ќе биде агресивен и нема што да загуби на реваншот

фото: fcstruga.com

В четврток од 20.00 часот во Луксембург ќе се игра реванш натпреварот од третото квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу екипите на Есперанж и Струга Трим Лум.

Актуелниот македонски шампион е поблиску до плеј-офот откако во првиот меч одигран во Скопје славеше со резултат 3:1. Тренерот на Струга, Шпетим Дуро ги сподели очекувањата во пресрет на возвратниот дуел:

– Во овој натпревар влегуваме по позитивен резултат од првиот меч, но остануваат уште 90 минути за игра. Зборував со тимот дека треба да го заборавиме првиот натпревар, треба да се фокусираме на реваншот за да дадеме сè од себе и да продолжиме во следната рунда. Се надеваме дека тимот ќе има уште еден добар настап во Европа, како што беше и на домашните, но и на двата меча што ги одигравме на гости против Жалгирис и Будуќност каде се претставивме исклучително добро. Се надеваме дека ќе ја продолжиме оваа серија на добри натпревари – вели Дуро.

Како што е објавено, поради проблеми со визата, тренерот на Струга за утрешниот меч нема да може да смета на Нигериецот Хоган Укпа.

– Дефинитивно утре противникот нема што да загуби, ќе биде агресивен, но и нашиот тим ќе одговори со игра, со карактер, исто како што игравме во изминатите натпревари. Имавме две или три помали грижи, главната грижа што сакам да ја спомнам е дека еден од играчите на тимот, Хоган Укпа, не отпатува со нас бидејќи не доби виза, што за мене е многу чудно и нелогично. Се подготвивме за игра со противник кој сигурно ќе го даде максимумот, но јас имам голема верба во силата на нашиот тим – рече Дуро.

За капитенот на Струга, Буњамин Шабани ова е еден од најважните натпревари и дека достигнување во „плеј-оф“ фазата е нешто за што сонува секој фудбалер.

– Многу важен натпревар. Како што истакна и нашиот тренер, го заборавивме првиот меч, максимално сме фокусирани на реваншот во кој ќе имаме многу квалитетен противник. Како и на секој натпревар одиме да дадеме сè од себе, тактичкиот дел што ни го дава тренерот и се надеваме дека ќе продолжиме со напредокот на овие игри што ги направивме до сега, и во однос на трчање и во однос на тактиката. Се надеваме дека ќе имаме многу добар настап и ќе продолжиме понатаму.

Не е мала работа да се оди во „плеј-оф“ во Конференциската лига, за секој фудбалер тоа е нешто многу големо и важно. Се надеваме дека утре успешно ќе го завршиме овој натпревар и ќе одиме во „плеј-оф“, и зошто да не направиме уште поголеми работи – се зборовите на Шабани кој воедно се очекува да биде стартер и еден од носителите во играта на Струга на утрешната средба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот