Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Дурмиши: Со 180.000 евра ќе се финансираат мали и средни бизниси и занаетчии

Министерството за економија и труд ќе одвои повеќе од 180.000 евра за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии за набавка на нови машини и алати. Од обезбедените 11 милиони и 340 илјади денари ќе се кофинансираат 40 отсто од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари по барател. Поддршката се однесува на инвестиции реализирани во текот на 2025 и 2026 година, а право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно законските прописи. Крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2026 година.

-Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и преработувачката индустрија, со јасна цел – поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна, да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција.

Покрај оваа мерка, информира Дурмиши, во наредниот период ќе бидат објавени и два значајни јавни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.

-Првиот јавен повик се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување, имплементација и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, со вкупен буџет од два милиони денари. Ќе се кофинансираат 70 отсто од трошоците, до максимум 200 илјади денари по компанија. Со ова сакаме да им помогнеме на компаниите полесно да ги исполнат меѓународните стандарди, да се вклучат во глобалните синџири на добавувачи и да ја зголемат својата извозна конкурентност – објасни министерот.

Вториот јавен повик, дополни, е насочен кон зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите, преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени пет милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува 70 отсто од трошоците, но не повеќе од 500 илјади денари по проект.

-Токму поврзувањето на бизнис-секторот со науката, истражувањето и иновациите е клучно за технолошки напредок, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со поголема додадена вредност. Во време на сериозни глобални економски предизвици, наш приоритет е поддршка на домашното производство, знаењето, иновациите и конкурентноста на македонската економија – истакна Дурмиши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот