ДУИ и СДСМ со заеднички кандидат Албанец за Скопје?

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

ДУИ веќе половина месец го најавува изненадувањето преку билборди во зелена боја на кои пишува „Нешто големо доаѓа“.

Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети најави големо изненадување, кое ќе го обелодени на 5 јуни, на роденденот на партијата.

– На 5 јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа што првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати какви што се дебатираше за првиот албански премиер – рече Ахмети во Липково.

Според шпекулациите во политичките кулоари, изненадувањето ќе биде заеднички кандидат Албанец со СДСМ за градоначалник на Скопје.

Неодамна и лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев обелодени дека соработката меѓу партиите на Албанците на власт ДУИ, БЕСА и ДПА со СДСМ ќе се рефлектира и на локално ниво. Соработката ќе биде во две фази, рече Заев, некаде коалициите ќе функционираат во првиот, а некаде во вториот круг од изборите.

Тој вчера, одговарајќи на новинарски прашања, не сакаше да открие дали се точни шпекулациите. Заев рече дека интегративците в сабота имаат да соопштат убава вест, но не откри детали.

– ДУИ има убава работа да соопшти во сабота. Убава затоа што е целосно во корелација со работењето на Владата, затоа што е модерна и соодветна на 21 век. Мене ме бендисува тоа што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ. Јас ќе оставам ДУИ да соопшти затоа што тоа е нивна агенда, нормално споделена со нас. А тоа ДУИ што го прави е навистина освежување и убава новина, ама секако тоа е право на ДУИ да го соопшти, изјави Заев.

Интегративците завчера во Липково ја почнаа постапката за избор на кандидати за градоначалници и за советници за локални избори кои треба да се одржат во втората половина на октомври.

ДУИ веќе половина месец го најавува изненадувањето преку билборди во зелена боја на кои пишува „Нешто големо доаѓа“. Слично на ова, во пресрет на парламентарните избори лани, ДУИ преку билборди со слоганот „Зошто не“ го најавуваше предлогот за прв премиер Албанец.

Инаку Еркан Арифи, актуелниот градоначалник на Липково, ќе биде кандидат за уште еден мандат на чело на оваа општина.

Тоа го објави Ахмети, кој потврди дека до Генералниот совет на партијата ќе го предложи Арифи за кандидат за градоначалник на Липково.

Како што веќе објави „Слободен печат“, од сегашните градоначалници од редовите на ДУИ, да се кандидираат за уште еден мандат реални шанси и поддршка од лидерот Ахмети имаат првите луѓе на Тетово, на Дебар и на Чаир, Теута Арифи, Хекуран Дука и Висар Ганиу. Од општинскиот огранок на ДУИ во Струга не даваат детали за тоа кој би можел да биде кандидат за изборите во октомври. Неофицијално, од партиските кругови се дознава дека Рамиз Мерко, сепак, може да биде кандидат за уште еден мандат, со оглед на поддршката што ја има во локалните партиски структури.

Мерко чека „благослов“ од Ахмети за уште еден мандат?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот