Мерко чека „благослов“ од Ахмети за уште еден мандат?

Актуелните градоначалници на Тетово, Дeбaр, Чаир и Липково, (Теута Арифи, Хекуран Дука, Висар Ганиу и Еркан Арифи) имаат најголеми шанси да бидат кандидати на ДУИ за уште еден мандат.

Од сегашните градоначалници од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) да се кандидираат за уште еден мандат, реални шанси и поддршка од лидерот Али Ахмети имаат сегашните градоначалници на Тетово, Дeбaр, Чаир и Липково, Теута Арифи, Хекуран Дука, Висар Ганиу и Еркан Арифи. Кандидатурата на Еркан Ариф веќе е потврдена од партиските тела на огранокот на ДУИ во Липково.

Во партијата се зборува дека сегашниот директор на претпријатието „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча е најверојатен кандидат на ДУИ за градоначалник на Чаир, а директорот на тетовската Клиничка болница Флорин Бесими за Тетово.

Од општинскиот огранок на ДУИ во Струга не дават детали за тоа кој би можел да биде кандидат за изборите во октомври. Неофицијално, од партиските кругови се дознава дека Рамиз Мерко, сепак, може да биде кандидат за уште еден мандат, со оглед на поддршката што ја има во локалните партиски структури.

Пореални се шансите да не биде номиниран за трет мандат Фатмир Дехари за Кичево. Партиски извори велат дека можен кандидат за Кичево, кој ја има поддршката на Ахмети, е Џевдет Спахиу. Спахиу пред неколку денови сподели на Фејсбук фотографија со лидерот на ДУИ Али Ахмети, со текст: „Работна средба во седиштето на ДУИ за локалните октомвриски избори 2021 година. Разговаравме со лидерот на ДУИ за предизвици што нè очекуваат, за потребите и барањата на граѓаните воопшто, а особено на граѓаните на Кичево“.

Во Гостивар, со благослов на Ахмети, ДУИ ќе настапува со поранешниот градоначалник на оваа општина, Невзат Бејта. Партиски извори велат дека тој ужива поддршка и од групата „Оган“, предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети.

Во градовите Скопје, Куманово, Велес и во општина Бутел, доколку ДУИ постигне договор за соработка со СДСМ на Зоран Заев, ќе настапи само со листи за општински советници, додека за градоначалници ќе ги поддржи кандидатите на СДСМ од првиот круг. Од друга страна, се очекува социјалдемократите да ги поддржат кандидатите на ДУИ во првиот круг во Струга, Тетово, Гостивар, Чаир, Сарај.

Партиски извори за „Слободен печат“ велат дека ДУИ ќе настапи со сегашниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, за уште еден мандат, затоа што, како што велат изворите, тој „добро стоел“ на партиските анкети.

Жешка битка да се добие кандидатура од ДУИ за учество на локалните избори наесен се води и во општините Желино, Теарце, Боговиње, Арачиново, Студеничани, Шуто Оризари итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот