Државата нема повеќе да ја спасува „Алиталија“: Губат по два милиони евра на ден

фото: Принтскрин

Италијанската влада повеќе нема да и дава пари на „Алиталија“, рече министерот за индустрија Стефано Патуанели во саботата. Тој предупреди дека компанијата, која долго време се соочувала со проблеми, може да биде затворена доколку до средината на 2020 година не се најде ниту еден купувач.

Владата, рече министерот, ќе се обиде во следните шест месеци да го реши прашањето за оваа авиокомпанија со која губи два милиони евра на ден.

– Ако не се најде купувач во првата половина на 2020 година, компанијата ќе затвори, истакна тој.

„Алиталија“ не оствари профит од 2002 година и доби повеќекратна државна помош низ годините. Според Стефано Патуанели е потпишан заем од уште 400 милиони евра заем за да и се овозможи на компанијата да продолжи со своите операции.

– Тоа е навистина последната државна интервенција за Алиталија, истакна министерот.

Италијанската влада во неколку наврати објави рокови за заинтересираните купувачи да достават понуда за „Алиталија“, но без резултати. Последниот истече на 21 ноември.

Во мај 2017 година, државата воведе вонредно управување во компанијата, кое продолжи да работи благодарение на државните заеми во висина од 900 милиони евра.

Еден од главните кандидати за преземање на Алиталија беше државната железничка компанија „Феровие дело Стато“ (ФС), која го водеше конзорциумот за преземање. Конзорциумот се распадна по повлекувањето на „Атланти“, компанија во сопственост на семејството Бенетон која управува со аеродроми и автопати. Како членови на конзорциумот беа вклучени и италијанското Министерство за економија и американската авиокомпанија Делта.

Германската авиокомпанија Луфтханза исто така преговараше за преземање на „Алиталија“, но во повеќе наврати рече дека е подготвена да достави сериозна понуда само по темелно реструктуирање и отстранувањето на значителен број работни места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот