Државата не може да ја регулира цената на становите, велат од Градежната комора

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Градежната комора денеска реагира на најавите за регулирање на цената на становите од страна на државата. Од Комората велат дека државата, односно Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, не може да ја регулира цената на становите. Оттаму велат дека во догледно време нема да има намалување на цените на становите, кои во изминатата година енормно пораснаа.

Комората реагира откако директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев, вчера изјави дека цената на квадратен метар станбена површина ќе се намалува. Тој рече дека Акционерското друштво како регулатор на цената почнува да гради на нови локации, а на поевтинувањето, според него, ќе влијае и падот на цените на градежните материјали.

– ПУИК никогаш не бил и нема да биде регулатор на цената. Во моментов освен пробелм што е малата понуда на станови, уште поголем проблем е недостигот на квалитетни станбени единици. Цената не очекуваме дека ќе ја достигне онаа пред ковид кризата, но очекувањата се дека ќе се стабилизира на 20-25 отсто повисока од пред Ковидот, рече Андреа Серафимовски од Градежната комора во вестите на телевизијата „24“.

Тој додаде и дека цените на репроматеријалите во моментов се неконзистентни. Ѓоргиев пак вчера рече дека трендот на енормно зголемени цени за квадратен метар не е само кај нас, туку во регионот и во цела Европа, но во периодот што следува се очекува намалување.

„Според она како се движат цените сега, има извесно намалување на градежните материјали. Ние како државна фирма сме регулатор на цената. Затоа сега набргу ќе почне градба во старата воена пекарница за да можеме на ова лудило во државата и во целиот регион за цената на квадратен метар да му бидеме некаков регулатор. Мислам дека цените ќе одат во некој благ пад надолу“, рече директорот Ѓоргијев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот