Државата гради само два километра од автопатот кон Блаце, а и со нив ќе доцни

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Првата делница од автопатот Скопје-Блаце, долга само два километра и единствена од автопатот што ја гради македонската држава, нема да биде изградена навреме, бидејќи, како што денеска објаснуваше директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, тешко одела експропријацијата на земјиштето, а на терен се појавиле и „други непредвидени ситуации“.

Автопатот од Скопје до косовската граница деновиве е актуелен во јавноста, по информациите дека неговата изградба ќе чини 19 милиони евра по километар – цена што е речиси двојно повисока од онаа што ја платија косовските власти за автопатот од Приштина до македонската граница, комплетно пуштен во употреба уште пред три години.

Лани во ноември беше соопштено дека двокилометарската делница, единствена на автопатот што со свои средства ја гради македонската држава, ќе чини 14,2 милиони евра и ќе биде готова до средината на оваа година.

„Требаше да се проектира нов потпорен ѕид со должина од 280 метри и да се проектираат косините на оваа делница. Проектите се готови, но поради законските правила за јавни набавки, мораше одново да го отвориме процесот за овие два километра“, рече Рустеми

За втората делница од 10 километри, како што кажа Рустеми, проектот е на ревизија согласно правилата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе ја финансира оваа делница со 120 милиони евра. Заемот од ЕБОР за десетте километри автопат до косовската граница, македонските граѓани ќе го враќаат 16 години.

„Идејниот проект за втората фаза е завршен, студијата за животна средина деновиве ќе ја доставиме до ЕБОР. Очекувам во првиот квартал од следната година да имаме и основен проект и да бидат завршени и инфраструктурните проекти, за да можеме да ја започнеме постапката за избор на фирма-изведувач”, рече Рустеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот