Лани имало драма во врвот на српската власт пред мартовскиот протест: Дачиќ бил против репресија врз студентите, Вучиќ се дерел – „Ќе има крвопролевање!“
Состаноците на претседателот на Србија со врвот на полицијата, кои се одржувале во текот на целата недела пред протестот на 15 март минатата година, биле исполнети со хистеријата на Вучиќ и предупредувања дека „ќе има крвопролевање“. Еден од полициските старешини кој добро го разбрал претседателот бил полковникот Радослав Репац, кој добил нејасна наредба да се користат сите средства – очигледно и звучниот топ, открива „Радар“.
„На 15 март, државата ќе отсвири крај“.
Препорачано
Ова самоуверено го изјавил српскиот претседател Александар Вучиќ во деновите пред минатогодишниот голем мартовски митинг во Белград, кога десетина минути по 19 часот, на улицата Крал Милан бил извршен фактички терористички напад врз мирни граѓани, пишува „Радар“.
Претходно, сведочат извори на „Радар“, министерот Ивица Дачиќ, за чие здравје денес претседателот многу се грижи, пред запрепастен колегиум на полицијата, со директорот на чело, во овалниот салон на министерот за внатрешни работи бил навредуван и понижуван со најпримитивен речник, обвинуван го дека поради „грешка во карактерот“ е премногу благ во своите реакции.
– Ќе има крвопролевање! Секој што мисли поинаку не е добро информиран – му викал Александар Вучиќ на својот соборец од воените 1990-ти, пред засрамените полициски старешини.
Претходно претседателот на сите граѓани на Србија ги искарал и Безбедносно-информативната агенција, присутниот директор Владимир Орлиќ и сега веќе сменетиот началник Марко Парезановиќ, велејќи дека добро знаат што се случува во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во регионот, но не и што се случува во Србија.
Радар: Дачиќ рекол дека репресијата не е решение
Кога од страната на Дачиќ дошол разумен предлог – дека искуството покажува оти репресијата не е решение за собир од повеќе стотици илјади граѓани што се подготвувал (што инаку била конзервативна проценка на МВР), пишува „Радар“, тоа станало повод за нова салва од навреди и демонстративно напуштање на состанокот.
– Никогаш ништо не си успеал да направиш во политиката, затоа што секогаш си се криел зад други луѓе кои носеле одлуки – му возвратил Вучиќ на својот коалициски партнер, кој истрчал по него од салата обидувајќи се да го смири.
БиБиСи: Денешниот протест во Белград е веројатно еден од најголемите во историјата на Србија
„Користи ги сите легални средства“
Состаноците се одржувале секој ден во текот на целата недела пред саботата, 15 март 2025 година. Еден од полициските старешини што добро го разбрал претседателот, кој на мирни демонстрации упорно повикувал на крвопролевање, бил полковникот Радослав Репац, инаку личен пријател на братот на претседателот, Андреј Вучиќ.
Неколку месеци подоцна, по нов бран насилство врз демонстранти во јуни, претседателот на Србија ќе го нарече „легендарен“ токму полковникот Репац, најавувајќи негово унапредување на местото командант на Жандармеријата и нови чистки во полицијата.
Било забележано и дека токму Репац на еден од состаноците во Палатата Србија, пред митингот, директно го прашал директорот на полицијата што да се прави со техничките средства за растерување демонстрации (ЛРАД) кои биле набавени и распоредени во полициските единици.
Имено, три вакви уреди – еден поголем ЛРАД 450 и два помали ЛРАД 100 – покрај единиците на Жандармеријата биле ставени на располагање и на Полициската бригада. Според добро информирани извори на „Радар“, Репац од надредениот, во присуство на други старешини, добил нејасен одговор:
„Да се користат сите средства што се дозволени со закон“.
Оваа реченица останала да виси во воздух, особено поради фактот што фоторепортерката Весна Лалиќ документирала дека на 15 март единицата на Жандармеријата која го обезбедувала парламентот имала монтиран ЛРАД 450 на еден од џиповите паркирани покрај Собранието на Србија.
Полициската бригада била распоредена во Дворскиот парк пред зградите на Стариот и Новиот двор. Забележано е дека за време на собирањето на демонстрантите, полковникот Репац во неколку наврати до командниот центар на полицијата („Авала 1“) испраќал алармантни извештаи дека трпи жестоки напади со камења и шишиња, барајќи интервенција.
Интервенцијата во формација „вулкан“ требало да ја изведе Полициската бригада во соработка со новосадскиот одред на Жандармеријата кој го обезбедувал парламентот. Оваа акција подразбирала формација на полицајци која се стеснува кон врвот во правец на дејствување и требало со силна концентрација на луѓе во јуриш да ја пресече масата демонстранти пред Собранието на половина, а потоа да започне потиснување.
Но забележано е и дека на едно такво барање на Репац му одговорил Веселин Милиќ, командант на Полициската управа за град Белград, кој му рекол „да се смири и дека нема потреба од интервенција“. Тоа „неразбирање“ на информацијата дека „се подготвува крвопролевање“ на Милиќ никогаш не му било заборавено.
Очигледно од екстремниот план за директен напад на полицијата врз демонстрантите било отстапено поради бројот на собраните граѓани, но не и од намерата, кукавички, со удар од зад грб, пишува српскиот портал, сепак некако да се „отсвири крај“.
ВИДЕО | Брутално полициско насилство во Нови Сад: Ја удира девојката по глава и ја влече за коса
Каде бил поставен звучниот топ?
Сите актери на настаните од 15 март, со кои разговарал „Радар“, го лоцираат дејствувањето на соничното оружје од правец на Стариот двор и аголот на улиците Драгослав Јовановиќ и Крал Милан, кон Славија.
Индикација е и тоа што во Стариот двор се наоѓала поголема група вооружени луѓе со која раководел поранешниот ракометар Владимир Мандиќ, еден од клучните оперативци на Андреј Вучиќ.
Според спецификацијата, уредот ЛРАД 450 има домет до 500 метри кога се користи со засилена бучава од околу 90 децибели, но кога се користи во тишина неговото дејство достигнува и до 1.700 метри во правец на насочениот звучен сноп. Неговото дејство во Белград го почувствувале граѓани кај хотелот „Хилтон“, па дури и оние на Славија – околу 1.000 метри од Стариот двор.
Системот на власт на СНС одамна ја препознал вредноста на соработници кои ја согледуваат „итноста“ на ситуацијата и се подготвени на сѐ за да го обезбедат опстанокот на постојниот поредок. Еден од нив е Александар Вулин, кој во 2022 година го набавил ова нелегално оружје.
Србија ни тогаш, ни денес нема закон според кој ваков вид оружје би смеел да се користи против граѓаните.
– Тој ден и употребата на соничното оружје беше пресвртница за оваа власт, во смисла на поагресивен одговор на предизвикот што го постави пред сè студентското движење, а потоа и граѓаните – објаснува за „Радар“ директорот за истражувања во Белградскиот центар за безбедносна политика, Предраг Петровиќ.
Тој додава дека властите употребиле „супероружје“ кое во многу аспекти е сè уште експериментално и може да предизвика сериозни последици.
– Практиката покажа дека тие повремено користат вакви екстремни средства против мирни граѓани за да ја демонстрираат својата семоќ – вели Петровиќ.
Според него, не би било изненадување ако соничното оружје повторно биде употребено, иако Европскиот суд за човекови права издал привремена мерка со која се бара Владата на Србија да се воздржи од користење звучно оружје.
Србија досега немала независна истрага за настаните од 15 март, освен онаа на која потпис ставил рускиот ФСБ.
Но, заклучува „Радар“, за иднината на земјата мора да се утврдат сите факти: кој го набавил нелегалното оружје, кој дал наредба за негова употреба, кој ја извршил, како и кој се обидел да ги попречи сведочењата на луѓето кои го почувствувале нападот врз своето тело и кој вистината ја претворил во лага.


