Звучен Топ принтскрин Јутјуб

Три теории за наводниот „звучен топ“ за што е обвинета српската полиција дека го користела на протестите во Белград

За време на протестот „15 за 15“ во Белград, во самиот момент на оддавање почит на жртвите од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, против студентите и граѓаните кои стоеја во место и молчеа, наводно е употребено оружје кое српската полиција со закон не смее да го поседува или да го користи. Постојат неколку теории за тоа што владата наводно користела во репресијата на нејзините граѓани, но што и да е, тоа е незаконски, пишува Нова рс

Во еден момент неколку илјади граѓани, кои мирно стоеја и оддаваа почит на улицата „Крал Милан“, почнаа да бегаат од коловозот, на растојание од неколку стотици метри. На снимката се слуша чуден звук, луѓето гледаат наназад, а потоа нешто ги „погодува“.

Бидејќи бев до СКЦ кога беше извршен нападот врз луѓе кои во тој момент мирно и немо им оддаваа почит на жртвите под настрешницата, не ми требаше долго да се сетам на овој клип, кој сосема случајно го гледав пред еден месец. Тоа не е пушка  против дронови бидејќи таа  е тивка и работи на електромагнетниот принцип, не е звучен топ (или подобро, тоа е, но не во класична смисла), нас нè напаѓа вортекс канон “, вели еден од учесниците на протестот  во објавата на социјалните мрежи.

„Неверојатна среќа е што се помина добро со само неколку скршеници и модринки и што немаше стампедо во кое сигурно ќе беа убиени десетици невини граѓани. Инаку, повредите од „експлозија“ предизвикана од ваков тип оружје  се едни од најлошите во медицината бидејќи можат да предизвикаат пукнатини на црниот дроб, слезината, белите дробови, шупливи органи, повреди на меките ткива, контузија на мозокот… Не сакам ни да размислувам за ефектот на стампедо. Тие што ги видоа протестите, а инаку разбираат се, зборуваат за некакви детонации.  Имало 3 детонации од топовски истрели, ПОСЛЕ топовскиот истрел . Српската полиција  тврди дека не кориостела вакво оружје . Можеби не лажат, можеби не е полицјата,  можеби е некоја паравоена формација.“, тврди учесникот на протестите и очевидец  Зоран Бокун во својот пост.

Повеќето експерти, гледајќи ја снимката, веруваат дека се работи за LRAD (Акустична направа со долг дострел), попознат како звучен топ. Тоа е уред како звучник, но значително се разликува бидејќи покрива различни фреквенции. Српското Министерство за внатрешни работи се обиде да ја втурне употребата на овој уред во Предлог-законот за полиција, но тоа наиде на осуда од јавноста и експертите, предлог-законот беше повлечен, а ЛРАД остана незаконски.

Како што објасни музичарот и продуцент Александар Станојковиќ на социјалната мрежа Х, тој е убеден дека се работи за звучен топ и детално го објаснува принципот по кој функционира. LRAD емитува „дирекциски звук“, кој може да биде со ниска фреквенција што влијае на целото човечко тело. Тој наведува дека однесувањето на луѓето кои биле изложени на звучниот бран, како и нивните повреди го потврдуваат сомнежот дека се работи за ЛРАД.

Поранешен припадник на српската армија во изјава за порталот Nova.rs изјави дека има неколку верзии на овој уред, а првпат е користен во САД , за време на протестите откако полицијата го уби Афроамериканецот Џорџ Флојд.

„Се појавија видеа, од кои најпознатото е како полицаец трча, а во раката го носи тој звучен топ, кој е вперен кон демонстрантите. Неговите колеги трчаат по него не чувствувајќи никакви последици, додека луѓето напред бегаат, јасно покажувајќи како е насочен звукот. Има неколку режими на работа, може да звучи како обична полициска сирена или може да емитува звук со висок тон што ги нервира луѓето кои едноставно бегаат пред него. Но, постои и многу покомплексен, воен систем кој е поставен на возило. Тој е контролиран од оператор преку компјутер кој ги поставува параметрите и може да го користи екранот за прецизно да насочи каде да „пука“. Овој вид оружје е класифициран како оружје „несмртоносно“, но сепак е опасно, пред се поради паниката што ја предизвикува, бидејќи луѓето не ни слушаат ништо кога ќе ги погоди звучниот бран“, објаснува соговорникот на Нова.рс.

На веб-страницата на компанијата „Генесис“, која го произведува LRAD, се прикажани различни модели, нивните карактеристики и опсег. Најмалиот, кој може да се носи со рака, има дострел од 600 метри, „звучниот топ“ со среден дострел е ефикасен до 1.700 метри, а уредот за долг дострел е ефективен до 3.000 метри. Се монтира на возило.

Третата теорија дојде од САД, која ги произведува и користи сите овие „несмртоносни“ системи, а според неа се работи за ADS (Active denial system). Интересно е тоа што како илустрација на своето тврдење, американскиот експерт Рајан МекБет покажа фотографија од уредот поставен на „Хамер“, возило што го користела српската полиција, вклучително и жандармеријата, а која била видена во главниот град во саботата.

Според овој Американец, станува збор за уред кој испушта микробранови кои „плитко“ продираат под кожата и не предизвикуваат сериозни повреди, но предизвикуваат болка која луѓето не можат да ја поднесат и брзо се оддалечуваат од местото каде што се испуштаат овие зраци. Своите тврдења ги темели на реакцијата на луѓето кои панично избегале од улиците.

Српската полиција  демантираше дека употребила „звучен топ“ и најавена е истрага за случајот. Сепак, полицијата во текот на изминатата година издаде неколку лажни изјави, а во последните месеци пристигнуваат лажни информации од највисоките функционери, од тоа дека министерот Никола Селаковиќ бил претепан од група екстремисти и му го скршиле носот, до она што можеше да го види целата српска јавност кога полицаец во цивилна облека пред зградата на РТС беше удрен и нокаутиран од колега.

Во Законот за полиција ниту едно од овие оружја не се споменува како средство за присилба, па затоа нивната употреба од страна на припадниците на српското Министерство за внатрешни работи е незаконска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот