Добро познато име ќе дели правда на реваншот помеѓу Карабах и Шкендија во Баку
Еден од најпознатите европски арбитри, Холанѓанецот Дани Макели, ќе биде главен судија на реванш натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите меѓу Карабах и Шкендија, кој ќе се одигра во вторник со почеток од 18 часот во главниот град на Азербејџан, Баку.
Препорачано
Макели ќе има поддршка од своите сонародници, Хесел Стегстра и Јан Де Врис како помошници, а четврти судија ќе биде Марк Нагтегал. За видео-технологијата задолжени ќе бидат Денис Хиглер како ВАР судија и Ричард Мартенс како негов асистент. Надзорник на судењето ќе биде Малтецот Алан Марио Сант, додека функцијата делегат на мечот ќе ја извршува Унгарецот Иштван Хуцлар.
Карабах во Баку ќе ја брани минималната предност од 1-0 од првиот натпревар во Скопје, додека македонскиот претставник Шкендија ќе се обиде да направи пресврт и да обезбеди пласман во плеј-офот за најпрестижното европско клупско натпреварување. Победа со еден гол разлика ќе го одведе мечот во продолженија, а триумф со два или повеќе голови разлика ќе значи историски пласман за тетовскиот клуб.


