Директори од ЕВН завршија во станица поради далавера со евтини ниви во Делчево

Photo/Facebook

Седумтемина осомничени за случајот „Делчевски ниви” се уапсени од Финансовата полиција и завршија во станица откако полицијата поднесе кривична пријава против нив. Седумтемина, од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани. Тие успеале да ги убедат сопствениците на приватно земјиште во Делчево да им го откупат по багателна цена, но да се согласат во документите да стои дека им го подаруваат. Подарениот имот за неколку дена се продавал по цена од 800 денари за квадрат на ЕВН со што сега осомничените заработиле за 1,5 милион евра.

Според истрагата, парцелите биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен, а сопствениците на дел од земјиштето само три недели претходно го купиле по цена од 15 до 20 денари за метар квадратен.

Кои се осомничените?

Во случајот осомничени се двајца управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Игор Гиевски и Мирослав Митровски. Гиевски е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а Митровски е син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски.

Осомничени се и Дарко Тодоровски поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, Орце Тодоровски – Ефто близок пријател на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и брачниот пар, Влатко и Марија Илиевски. Од СДСМ изјавија дека Влатко Илиевски му бил телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, а последен осомничен е бизнисменот од Делчево, Дарко Ќурчиски.

Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на „ЕВН – Електрани Македонија“ свесно и со однапред утврдена намера со изготвување анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намената за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени што не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица – продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи – соопшти Управата.

Случајот со нелегалната продажба на парцели за изградба на фотонапонски централи беше обелоденет лани во ноември. Станува збор за договор склучен една недела пред стартот на кампањата за локалните избори, кога ЕВН Електрани, фирма ќерка на ЕВН Македонија, за многу повисока цена од реалната купила најмалку седум парцели во околината на Делчево, со намера ЕВН на овие парцели да постави фотоволтаични централи за производство на електрична енергија.

Како што соопшти Финансиската полиција, едно физичко лице доби пријава поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело измама во службата по член 355 вв помагање по член 24 од Кривичниот законик на РСМ и четири физички лица во својство на склучувачи на договори за купопродажба на недвижен имот со ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело измама во службата по член 355 вв помагање по член 24 од Кривичниот законик на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот