Димишков: Камчеви сакаа да ме искористат

Владимир Ефтимовски е директор на Стопанска банка Битола, а на оваа банка јас сум им адвокат веќе со години. Контактите со Ефтимов се однесувале во врска со предмети кои ги имала банката, изјави на денешното рочиште за случајот „Рекет“ скопскиот адвокат Васил Димишков од Скопје.

– Во август лани банката имаше еден предмет за измама. Ми беше кажано дека за тој предмет со мене ќе сака да се види и Орце Камчев. Тој на телефонот ми покажа снимени документи на кој пишуваше Наредба, а под нив беше потпишана судијката Весна Димишкова, односно мојата сестра. Тој ми кажа дека има тим од адвокати и дека сака и мене да ме вклучи. Ме праша колку ќе треба да ми плати на што јас му реков дека прво ќе треба да ми каже за што точно ќе бидам ангажиран. Иако ми рече дека ќе ме побара, тоа не се случи – изјави сведокот Димишков.

Откако на Камчев му беше одреден притвор, ми се јавуваа роднини и пријатели кои ми кажуваа дека се пријатели со него и што може да се помогне, истакна сведокот.

– Меѓу тие луѓе беше и Зоран Милески. Иако му кажав дека тоа што го бара од мене не можам да го направам, тој инсистираше на други средби, јас да бидам ангажиран како адвокат, а во една прилика имавме контакт и со Ана Камчева. Таа ми појасни дека имаат идеја да ангажираат повеќе адвокати и вешти лица за подготовка на одбраната, а меѓу нив сум бил планиран и јас. По неколку дена им ги позрев нивните намери и тогаш сметав дека тие сакаат да ме искористат, а тоа многу добро и е познато на колешката Камчева, бидејќи судијката-мојата сестра ако бев ангажиран ќе требаше да биде изземена од случајот. Кога ми се јави Милески да му кажам колку чини мојот ангажман, им кажав сума за која знаев дека за нив нема да биде прифатлива. Потоа никој од нив не ми се јави ниту ме побара – рече Димишков.

На прашање на Сашо Дуковски адвокатот на првообвинетиот Бојан Јовановски дали се знае со Боки 13, тој даде потврден одговор.

– Бев препорачан да бидам адвокат на Меѓународниот сојуз. За работата и плановите на оваа организација ми објасни Јовановски. Кога се отвори 1ТВ имавме контакти за предмети кои беа поврзани со работата на телевизијата – нагласи Димишков.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври минатата година поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело” и за „примање награда за противзаконито влијание”. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”. На првото рочиште за „Рекет”, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание”, по што беше осуден на три години затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот