Дете се набоде на игла од шприц кај запуштениот Дом на културата во Ченто: Стефковски жали и ветува реконструкција на објектот

Седумгодишно дете е повредено, кога играјќи си со свој врсник во близина на руинираниот објект на некогашниот Дом на култура во Ченто, паднало и се набодело на користена игла на шприц од зависник од дрога. Граѓани за немилиот настан реагираа во фејсбук групата „Ѕид на Општина Гази Баба“ барајќи од градоначалникот да најде решение за долгогодишниот проблем. Тие, документирајќи ја состојбата со фотографии, потсетуваат на многубројните ветувања дадени низ годините за таканаречено “домче”, објект лоциран во паркот во населбата, кој е целосно запуштен, претворен во собиралиште на зависници, преполн со ѓубре и употребени шприцеви и преставува огромна закана за локалното население, но и за животната средина.

За случајот се огласи и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој изрази жалење за немилиот настан со ветување дека ќе се заложи вакво нешто да не се повтори.

Иако проблемот е долгогодишен со жалење констатирав дека во општината не постои изработен проект. На почетокот на годината од моја страна беше издаден налог за изработка на проект за реконструкција на Културниот дом во Ченто кој во фаза на идеен проект беше доставен до општината и потоа со забелешки е вратен за корекција и доработка. Штом се заврши изработката на основниот проект, ќе започнеме со изнаоѓање на начини на финансирање за неговата реализација – вели Стефковски.

Тој денеска му наложил на јавното комунално претпријатие да влезе во објектот и комплетно да го исчисти просторот во и околу домот.

Истовремено сакам јавно да го повикам и Министерството за внатрешни работи на поголема ажурност и постапување за што во текот на денешниот ден од општина Гази Баба ќе биде доставено и официјално писмено барање – напиша Стефковски на фејсбук.

Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски, пак, во својата предизборна програма на последните локални избори тврдеше дека за Домот е изготвен основен проект кој предвидува повторно активирање на салата и враќање на библиотеката во објектот, а дека се предвидени и простории за младите.

Целта беше да се зачува постојната архитектура и да се обнови постојниот објект, кој буди спомени на генерации граѓани од Гази Баба и градот Скопје. Со подготовката на проектот општината може да аплицира за добивање средства до Владата, но и ЕУ фондовите, преку кои би се реализирал овој проект – рече тогаш Георгиевски.

За жал, освен ветувања, досега ништо конкретно не е направено за запуштениот објект.

За реконструкција и повторно заживување на Домот на културата во Ченто повремено се ангажираа и граѓански здруженија, кои со разни манифестации се обидуваа да го свртат вниманието на надлежните кон ужасната состојба во која се наоѓа овој објект.

Здружението „Културно ехо“ пред три години во паркот во населбата организираше еднодневен културно-едукативен настан со цел да покрене иницијатива за обнова на напуштениот Дом на културата, преку вклучување на локалната власт, граѓанските организации, уметниците и локалните жители. Година дена подоцна младиот уметник Владимир Милиќ изработи мурал на фасадата на домот . Идејата за мурал во Ченто, беше да се активира оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на Домот на култура.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот