Детално ќе се истражува теренот на Пеленица во Драчево за да се утврди колку е загадена почвата
Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедило финансиски средства за спроведување на детално истражување на локацијата Пеленица – Рупа во населбата Драчево, врз основа на претходни информации, според кои ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирало одредена количина на HCH- отпад.
Препорачано
HCH- отпадот бил спакуван во метални буриња и истите биле депонирани во две јами ископани на локалитетот. Јамите биле обложени со бетонски ѕидови и покриени со земја. Деталното истражување ќе опфати: ископување на сонди и земање и анализи на примероци од отпад/почва; дупчење на бушотини и земање и анализи на примероци од отпад/почва;инсталирање на бунари за мониторинг на подземни води и земање и анализи на примероците од подземните води – информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Анализата на примероците ќе се врши во лабораторијата „Eурофинс“ во Холандија, а потоа врз основа на добиените резултати ќе се направи проценка на обемот и степенот на контаминација, ќе се предложат опции за ремедијација на локацијата и ќе се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.
Се очекува теренските работи да се завршат до 11 ноември, а завршниот извештај со целокупната документација и проценките да биде доставен до крајот на годината.


