Денот кога Шумахер со валкан трик дојде до првата титула (ВИДЕО)

фото: motorsport.com

Формула 1 е еден од најпопуларните и најгледаните спортови на светот иако во последните години, го губи сјајот. Најбрзиот спорт на планетата отсекогаш нудел контроверзи и скандали предизвикани од лудаците зад воланот кои правеа се што е во границите на нормалното, но не ретко излегуваа и надбор од низ за да дојдат до целта, шампионската титула.

Токму таков валкан трик се случи на денешен ден пред 25 години,а во главната улога беше седумкратниот шампион, Михаел Шумахер.

Сезоната во 1994 година ја одбележа страшната трагедија во Имола во која животот го загубија двајца возачи. Во квалификациите загина Роланд Раценбергер, додека на трката животот го загуби непрежалениот Аиртон Сена кој се смета за најдобриот возач во историјата на Формула 1. Тој со брзина од 300 километри на час удри во бетонскиот ѕид на кривината Тамбурело.

Нивната смрт претставуваше еден вид најава на тоа што ќе се случува во сезоната. Пред стартот на шампионатот Вилијамс беше главен фаворит за титулата иако Алан Прост си замина во пензија, додека Сена на првите две трки поради проблеми со болидот мораше да се откаже. Во таква ситуација младиот возач на Бенетон, Михаел Шумахер победи на првите три трки, а потоа и на четвртата во која загина Сена.

Тогаш на сцена стапи вториот возач на Вилијамс, Дејмон Хил кој максимално ги користеше понудените шанси поради суспензиите и казните на Шумахер, и врза две победи, прво во Монца, па во Есторил и полека му се доближи на Шумахер на само еден бод во генералниот пласман (92 наспроти 91 бод) и титулата се решаваше на последната трка во Мелбурн за трката за Големата награда на Австралија.

Во квалификациите најбрз беше првиот возач на Вилијамс, Најџел Менсен, Шумахер беше втор, а Хил трет. Трката започна со излетување на Менсел со што сè подготви патеката за директната пресметка помеѓу претендентите за титулата. Младиот Германец водеше до 36. круг, но Хил постојано беше зад него. Токму притисокот го натера Шумахер да излета од патеката и да удри во бетонската ограда.

– Поминав преку граничникот на кривината и тој ме исфрли од патеката. Се излизгав на тревата, удрив во оградата и продолжив да возам – изјави Шумахер по трката.

Кога се обиде го врати болидот на патеката во тој момент од кривината се појави Хил, кој не го забележа инцидентот и не знаеше дека болидот на Шумахер е оштетен. Но, затоа забележа дека е доста побрз и одлучи да го нападне Германецот од внатрешната страна на кривината. Шумахер со оштетен болид го затвори просторот и сврте директно во болидот на Хил.

– Забележав дека имам можност за претекнување и одлучив да ја искористам. За жал, не ми успеа. Јас сигурно би го пропуштил – рече Хил.


Во тие моменти, болидот на Шумахер се одби од болидот на Хил и заврши во заштитните гуми. Возачот на Вилијамс ја помина кривината, додека младиот Германец излезе од болидот, ја прескокна оградата и со насмевка стоеше на страна чекајќи да види дали Хил ќе се појави во следниот круг.

Но во првата кривина се блокира левиот пневматик на болидот на Вилијамс по што мораше да оди во пит стоп. Механичарите се обидоа да го поправат болидот, но не успеаја по што Хил мораше да се откаже и да му ја препушти титулата на Шумахер.

Германецот се уште стоеше во близина на својот оштетен болид и чекаше да помине Хил. Но, кога еден од судиите покрај патеката му кажаа дека Дејмон Хил се откажа, Шумахер се сврте кон публиката и почна да ја слави првата титула.

По трката во тимот на Вилијамс очекуваа дека стјуардите ќе го казнат Шумахер за валканиот потег но тоа не се случи по што започнаа обвинувањата од британскиот тим дека возачот на Бенетон неправедно дојде до титулата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот