Денеска е денот „Д“ за Премиер лигата, судир на големите и малите екипи

Фото: Премиер лига/Твитер

Денешниот состанок на челниците на екипите и на Премиер лигата се очекува да помине во тензична атмосфера.

Судбината на актуелната сезона во Премиер лигата се очекува да биде одредена денеска на состанокот на челниците на екипите и на раководството на најатрактивното домашно првенство.

За очекување е состанокот да помине во теннзична атмосфера, но на сите 20 екипи им е кристално јасно дека мора да изнајдат начин сезоната да се заврши на фудбалскиот терен за да се избегнат огромните загуби од ТВ правата.

Голем дел од екипите бараат сезоната да заврши со 30 јуни, но најголемите сакаат датумот да се пролонгира до 12 јули, но за да се прифати нивниот предлог потребно е да имаат мнозинство гласови. Медиумите од Островот очекуваат тој предлог да пропадне бидејќи нема доволна поддршка иако потезите на Владата навестуваат дека тој датум е пореален.

Големите екипи кои ги предовдат Челси, Ливерпул, Манчестер сити, се плашат од повреди на своите фудбалери и тоа може да се одрази на амбициите за наредната сезона.

Пандемијата на коронавирусот не стивнува во Англија, Владата одлучи да го продолжи карантинот на дополнителни три недели но и понатаму бројот на заразени лица расте.

Доколку екипите се одлучат за предлогот Премиер ллигата да заврши до 30 јуни, значи дека сите 20 екипи во јуни ќе мора да одиграат 12 натпревари, или три натпревари неделно, со што ризиците од повреди е огромен.

За едно прашање нема да има дилеми, сите екипи се согласни наптреварите да се играат пред празни трибини што ќе значи загуба од околу 200 милиони евра за враќање на парите на сопствениците на сезонски билети и на корпоративните партнери на екипите.

Уште едно горчливо прашање кое ќе биде покренато на денешниот состанок е договорот за намалувањето на платите на фудбалерите. Тие предводени од капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, веќе основаа фонд за помош на здравствените работници и не сакаат да се согласат на намалување на платите.

Фудбалерите сметаат дека така парите ќе останат во џебовите на сопствениците. Тие се залагаат да не се намалат платите бидејќи тогаш во државната каса ќе се слеат поголеми суми од даноците.

Екипите се обидуваат да се договорат, но никој не е блиску со договор со фудбалерите освен Арсенал. Управата на „Топчиите“ најде соломонско решение, платите ќе се намалат за сао 12.5% проценти, а не за 30% како што бараат останатите екипи, а доколку екипата се пласира во Лигата на шампионите тогаш парите на играчите ќе им бидат вратени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот