Македонска азбука / Меморијален центар на АСНОМ, Пелинце / Викимедија - Сашо Илиевски

Ден на македонскиoт јазик: Чувањето на наследството е институционална и лична одговорност

Пораки за македонскиот јазик, неговата вредност и потребата за зачувување на аманетот од постарите генерации денеска беа кажани од повеќе јавни личности и функционери, како дел од одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и воедно јубилејот 80 години од излегувањето од печат на првата „Македонска граматика” од Круме Кепески.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека македонскиот јазик е темелот врз кој се издигнува нашата духовна и национална самобитност.

„Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку жив сведок на вековната историја, чувар на колективната меморија и најсилен израз на нашата културна и национална посебност. Во неговите зборови се вткаени борбите, надежите и стремежите на генерации кои го граделе и зачувале нашето постоење“, рече Мицкоски.

Нашата должност денес, како што посочи премиерот, е јасна и возвишена да го негуваме, унапредуваме и достоинствено претставуваме македонскиот јазик, како дома, така и на меѓународната сцена.

„Во време на предизвици, потребна е мудрост, единство и непоколеблива верба во вредностите што не дефинираат. Како општество и како држава, остануваме цврсто определени да го заштитиме и афирмираме македонскиот јазик како неотуѓиво културно и историско наследство. Тој е наша заедничка обврска, но и наша заедничка иднина“, порача Мицкоски.

Mинистерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека македонскиот јазик има непроценлива вредност, како темел на националниот идентитет и културното наследство.

Љутков нагласи дека македонскиот јазик е жив израз на нашето постоење, историја и духовност, кој се пренесува низ генерациите и ја отсликува силата и истрајноста на народот.

„Денеска го славиме јазикот што дише во нас. Денеска се слави македонскиот збор, чист и бистар како планинско езеро, во кој се огледува нашата вековност. Во него се впишува нашето постоење. Во секој слог трепери нашиот културен бескрај. Во секоја реченица се реди една тивка, но непобитна вистина, дека сме тука, дека говориме и дека траеме. Македонскиот јазик е наш дом. Дом на нашата мисла, нашите чувства, на нашите сеќавања“, рече Љутков.

Македонскиот јазик не се мери со бројот на говорници, додаде тој.

„Тој се мери со длабочината на љубовта што ја носи во себе. Со вербата што ја чува. Со силата што ја изразува. Тој е присутен во секој искрен збор, во секое напишано писмо, во секој стих што го допира срцето. Тој е жив, буден, непореклив. Во него живее цел еден народ. Во него се огледува неговата душа. Во него трае Македонија“, посочи Љутков.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека македонскиот јазик е едно од најголемите национални богатства и основа на македонскиот идентитет.

Таа потсети дека на 5 мај 1945 година е озаконета азбуката на македонскиот јазик, врз принципот „еден глас – една буква“, како дел од континуитетот на богатата писмена и усна традиција.

„Чувањето на јазичното наследство е долг на сите нас – не само институционална, туку и лична одговорност“, порача Јаневска.

Претседателката на собраниската Комисија за култура и туризам, Саранда Имери-Стафаи посочи дека фокусот на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик годинава е насочен кон една суштинска алка на општеството – изучувањето на јазикот во образованието.

„Граматиката на Кепески го воведе македонскиот јазик во училишните клупи. Токму како филолог и наставник по странски јазик, секој ден се уверувам во следново: ‘За да го разбереш светот и другите култури, мора прво да го владееш својот мајчин јазик’. Стојам на ставот дека јазикот е жива материја, која мора да се негува токму таму каде што се раѓа писмеността, во училишните клупи“, рече таа.

Според потпретседателката на Собранието Весна Бендевска, македонскиот јазик со својата долга усна и писмена традиција е семето на постоењето на македонскиот народ и држава и стожер на нашата култура.

„Македонскиот јазик е кодот на нашата културна особеност и нашиот уникатен светоглед во секој поглед. Тоа е јазикот на кој мислиме, честуваме, сонуваме, комуницираме, пееме и тажиме, се смееме и се радуваме. Јазикот на кој љубиме и твориме, со кој се раѓаме и умираме“, рече Бендевска, подвлекувајќи дека македонскиот јазик е столбот на нашиот идентитет, дом, татковина, завет и аманет за следните генерации.

Денот на македонскиот јазик 5 Мај се одбележува официјално од 2019 година, во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, откако на заседанието на АСНОМ во 1944 македонскиот е прогласен за официјален јазик во целата република.

Македонскиот јазик е кодифициран и стандардизиран и со озаконувањето на првиот правопис, на 7 јуни 1945.

Разговор со Марија Лозаноска, професорка по македонски јазик: Да го сакаш мајчиниот јазик треба да биде најосновна обврска на секој човек

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот