Разговор со Марија Лозаноска, професорка по македонски јазик: Да го сакаш мајчиниот јазик треба да биде најосновна обврска на секој човек

Фото: Приватна архива

„Не сум песимист и нема да кажам дека Македонците не го сакаат јазикот, туку немаат од каде да го научат, одамна завршиле училиште, а според моето искуство имаат желба за правилно користење“, вели Марија.

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Овој ден се слави низ целиот свет со разни активности насочени кон зачувување и унапредување на мајчините јазици.

По тој повод, поразговаравме со Марија Лозаноска, дипломиран професор по македонски јазик и книжевност и лиценциран лектор. Меѓу другото, таа е и автор на двата романи „Големото Л“ и „Другата“ и музички текстописец.

Марија, како одлучивте дека македонистиката ќе биде Ваша вокација? Зошто лектор наспроти секоја друга професија?

– Јазикот отсекогаш знаев дека е вкоренет во мене. Буквите ги научив од многу мала, а талентот за пишување постојано ми шепкаше да творам. Израснувајќи со мајка наставник по предметот Македонски јазик од која научив многу за образованието и за самиот предмет, неминовно беше и јас да запловам во наставничките води. Со самата работа како наставник и како автор, сè повеќе и повеќе навлегував во правилата за јазикот, па надоградувањето за лектор беше разумна одлука.

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Колку ние, како Македонци, го негуваме и го љубиме нашиот мајчин јазик во текот на целата година?

– Да го сакаш и да го почитуваш мајчиниот јазик треба да биде најосновна обврска на секој човек. Не секој е талентиран за јазик, но секој може да го почитува. Ние сме мал број народ во светот и со тоа сме мал процент на негови зборувачи, и затоа треба што повеќе да се бориме за него на дневно ниво. Не сум песимист и нема да кажам дека Македонците не го сакаат јазикот, туку немаат од каде да го научат, одамна завршиле училиште, а според моето искуство имаат желба за правилно користење. Доколку државата даде повеќе закони, насоки и забавни содржини за учење или за потсетување на јазикот, сметам дека нивото на македонскиот јазик значително ќе се крене. Ние како поединци не сме доволни, за тоа требаат многу поголеми проекти.

Фото: Приватна архива

Вие стоите зад инстаграм-профилот „Лекторката“, каде што објавувате едукативна содржина во врска со македонскиот јазик. Кои се најчестите правописни грешки што се прават на социјалните мрежи?

– Отсекогаш се повторувале истите грешки, а тоа е кај зборовите „не знам“ и „сè уште“, а последните години наголемо се пишуваат месеците и деновите во неделата со голема почетна буква под влијание на англискиот јазик, меѓутоа правилно е со мала.

Кој е Вашиот став за јазикот во медиумите?

– Најписмени, според мене, се вестите по телевизиите, воедно и читањето на спикерите е на завидно ниво, но секако дека и таму се наоѓа по некоја грешка. Не ми се допаѓаат забавните содржини исто така на ТВ, затоа што се зборува и се пишува неправилно и акцентот е на скопскиот говор. Секако дека има исклучоци. На интернет има сè и сешто и тоа е долга тема за зборување, па ајде да ја споменам светлата страна и да ве пофалам вас како медиум дека отскокнувате од тоа море на неправилности во јазикот.

Фото: Приватна архива

Лингвистиката и книжевноста се нераскинливи, а речникот најубаво се збогатува преку читањето книги. Па, кој е најдобриот начин да се втемели љубовта кон македонскиот јазик и читањето уште во најраното детство?

– Во ова време на дигитализација, свесни сме дека и децата растат со мобилните в раце, па некако тешко е таа „играчка“ да се замени со книгата во која нема слики, нема копчиња, нема игри. Меѓутоа, децата се огледало на родителите и на околината, па тие ќе го прават само она што го прават возрасните. Ако возрасните не читаат, на кого да се огледаат? Затоа – возрасни, повеќе дружете се со книгата затоа што знаете дека децата имитираат сè.

Меѓу другото, Вие сте и писателка. Дали, можеби, планирате да ги изненадите Вашите читатели со некое ново дело во блиска иднина?

– Долго време сум на пауза со пишувањето книги и поминаа неколку години од мојот втор роман. Секако дека уште творам, но тоа не се романи, пишувам меѓувреме и текстови за песни, активна сум на социјалните мрежи со творењето, пишувам и за училиштето и учениците, постојано имам различни проекти поврзани со јазикот. Сепак, и вие ме „искаравте“ зошто не пишувам книги, а тоа го прават и многу мои читатели, па сметам дека ова е знак дека треба веќе да изберам еден од моите наслови од фиоката и да го довршам.

Фото: Приватна архива

Неодамна беше донесен Законот за употребата на македонскиот јазик, кој пропишува задолжително вработување лектори во сите јавни институции. Дали мислите дека ова ќе го зголеми интересот за студирање македонски јазик кај младите луѓе?

– Ја поздравувам одлуката на државата и им честитам на македонистите што се изборија за него, меѓу кои се и моите професори од Катедрата за македонски јазик во Скопје. Ова е голем чекор, но сè уште не е доволно за да се вратат студентите во клупите каде што се изучува македонскиот јазик. Катедрата може да истрпи измени и би сакала да ја видам во помодерно издание, но што по студиите? Факултетот е тежок и обемен, јазикот не е нималку лесен, а досега со таа диплома можеше да се работи само како наставник/професор во образование, а тие места се броени и не се доволни за сите студенти што досега завршиле. За да оживее самиот закон, потребен е подолг период и самото време ќе покаже колку ќе го испочитуваме и него. Дај Боже да тргне кон подобро.

Која е Вашата порака до оние млади луѓе што ги интересира лингвистиката и кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик?

– Без јазик си никој и ништо, така еднаш рекол големиот автор Видое Подгорец. Треба да си писмен човек без разлика дали си јазичар или информатичар, еден интелектуалец не смее да си дозволи да не знае да состави реченица без соодветната кирилица. А, тие што сакаат да го продолжат изучувањето на македонскиот јазик, им посакувам многу среќа, од мене имаат поддршка и студирајте го и учете го со љубов затоа што тој ни е мајчиниот јазик, немаме друг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот