Делси Родригез/Фото: Juan BARRETO / AFP / Profimedia

Делси Родригез со години била под истрага на американската ДЕА

Американската агенција Асошиејтед прес (АП) објави дека венецуелската лидерка Делси Родригез со години била предмет на интерес и истраги на Американската агенција за борба против дрога (ДЕА). Ова го покажуваат доверливи документи до кои дошла агенцијата, како и изјави од повеќе сегашни и поранешни американски безбедносни функционери.

Иако по апсењето на поранешниот претседател Николас Мадуро, американскиот претседател Доналд Трамп јавно ја претстави Родригез како клучен партнер на САД за стабилизација на Венецуела, документите откриваат дека таа уште во 2022 година била означена како „приоритетна цел“ на ДЕА – статус резервиран за лица за кои се смета дека имаат значително влијание врз трговијата со дрога.

Според документите, ДЕА водела детално разузнавачко досие за Родригез најмалку од 2018 година, во кое се наведуваат нејзини наводни врски со шверц на дрога, перење пари и нелегална трговија со злато. Еден доверлив извор во 2021 година тврдел дека Родригез користела хотели на туристичкиот остров Маргарита како параван за перење пари, иако овие информации не се јавно потврдени.

Името на Родригез се појавува во речиси десетина истраги на ДЕА, дел од нив сè уште активни, во повеќе земји и американски сојузни држави. И покрај тоа, САД досега официјално не ја обвиниле за кривични дела, ниту таа е меѓу венецуелските функционери обвинети за трговија со дрога.

Американските власти не објаснуваат зошто Родригез била прогласена за „приоритетна цел“, а експертите нагласуваат дека таквиот статус не значи автоматски и поднесување обвинение. Сепак, поранешни агенти на ДЕА и аналитичари оценуваат дека нејзината висока позиција во режим кој долго време се поврзува со корупција и организиран криминал логично ја става под засилен надзор.

Родригез, која неодамна беше именувана за привремена претседателка, е блиска соработка на Мадуро повеќе од една деценија. Таа претходно беше санкционирана од САД и Европската унија, но поради поткопување на демократијата, а не директно за корупција или криминал.

Според аналитичарите, досиејата на ДЕА ѝ даваат значителна политичка и правна тежина на позицијата на Вашингтон во однос на новото раководство во Каракас и претставуваат силен притисок врз Родригез во периодот по падот на Мадуро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот