Дејан Дуковски / Фотографија: Димитар Атанасоски

Дејан Дуковски ќе биде Автор во фокус на јубилејното издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Еден од највлијателните и најизведувани македонски драмски автори, Дејан Дуковски, ќе биде Автор во фокус на јубилејното 60-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ ќе му посвети ден на авторот во кој со различни содржини ќе биде потенцирана важноста на Дејан Дуковски за македонската театарска меморија и култура, воопшто. Фестивалот ќе се одржи од 12 до 19 јуни 2026 година.

Името на Дуковски е синоним за постмодерната драма во Македонија, а неговите текстови се препознаени како дел од поширокиот европски тренд на „нова драма“ или „in-yer-face theatre“. Со повеќе од сто и педесет евидентирани премиерни изведби на своите драми на сцените низ светот, Дуковски е најизведуваниот македонски автор надвор од Македонија. Освен драмски текстови, Дуковски е автор и на сценарија и драматург.

Дипломирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1990 година, во класата на Горан Стефановски. Во раните 90-ти работи како драматург во Македонската радио-телевизија, од 1993 година е дел од наставниот кадар на Факултетот за драмски уметности – Скопје, како асистент по предметот Филмско и телевизиско сценарио, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија на истиот факултет. Од 2015 година е драматург во Македонскиот народен театар. Престојувал на резиденција како писател во „Дојче шаушпилхаус“ во Хамбург, Германија.

Неговото творештво се развива во период на политички и културни потреси: распадот на Југославија, транзицијата кон независна држава и потребата за нови уметнички јазици што ќе го изразат искуството во времето на постсоцијализмот. Во тој контекст, Дуковски се појавува кон крајот на 80-тите со драми како „Балканска гротеска“ (1988), „Последниот балкански вампир“ (1989), а веднаш потоа и со „Силјан Штркот шанца“ (1991), кои го најавуваат неговиот специфичен авторски ракопис: ироничен, фрагментиран, со ликови на работ на општеството.

Во 1992 ја пишува „Балканот не е мртов“, драма која станува симбол на новата македонска постмодерна драма, поставувана во повеќе земји во Европа. Неговиот најпоставуван текст е „Буре барут“ (1994) кој, покрај праизведбата во МНТ (1994), изведен е и на повеќе од педесет сцени и преведен на многу јазици во Европа и светот.

Дуковски е автор чиј театарски јазик ги надминува локалните рамки и се вмрежува во пошироката европска драмска сцена. Неговите дела се преведени на осумнаесет јазици и поставувани на повеќе од сто и педесет сцени низ светот. Со своето творештво тој придонесува за редефинирање на македонскиот театар по осамостојувањето и за неговото меѓународно позиционирање.

На изминатите три изданија, МТФ „Војдан Чернодрински“ им посвети внимание на творештвото на прилепски театарски уметници со програмата „Прилеп во фокус“, на Горан Стефановски и на Коле Чашуле.

Директорката Ана Стојаноска и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Уметничката директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје, Ана Стојаноска, на 6 ноември оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Директорката детално ја запозна со програмата на јубилејното издание на фестивалот, кој ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“. Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифатила да биде покровителка на фестивалот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 306, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот