Фото: СП, Архива

Дали со нови 54 милиони денари конечно ќе се реновира спортската сала при УКИМ?

На кампусот при УКИМ денеска министерот за спорт, Борко Ристовски заедно со ректорот на Универзитетот, Биљана Ангелова го означија официјалниот почеток на реконструкцијата на демолираната и уништена спортска сала чие сопствеништво и изградба со години беше предмет на судења, извршители и ветувања.

Ќе се реконструира спортската сала во кампусот на УКИМ

Сепак, денеска Ангелова соопшти дека сите проблеми со градежните дозволи и изведувањето на проектот се надминати, и потенцираше дека конечно, после речиси една деценија е одредено и владението на објектот, кое првично го доби Владата, а потоа салата била предадена на УКИМ.

– Првиот договор е направена 2007 година, но од тогаш досега имаше низа проблеми од дозвола до изведување на градежните работи. Сега се реши правниот статус на салата, која најпрво премина во владение на Владата, а потоа со одлука на Влада е предадена во владение на УКИМ. Паралелно направени се нов проект и ревизија за обновување на градежната дозвола, која беше истечена пред десетина години. Очекуваме во брзо време да биде ставена во функција – изјави ректорката Ангелова.

Првично, овој проект беше најавен од поранешната Агенција за млади и спорт како дел од проектот на Владата во времето на Никола Груевски за изградба на 35 спортски сали низ државата, а за иницијалниот проект беа одделени 2.5 милиони евра.

Сепак, по најавата на оваа сала и кратко по почетокот на изградбата, започнаа проблемите помеѓу изведувачот и Агенцијата за млади и спорт околу наплатата, фактурирањето и пописот од потрошениот материјал, кога фирмата-изведувач тврдеше дека Агенцијата не ја исплатила во целост сумата за сработеното, додека пак АМС тврдеше дека фирмата неточно го фактурирала потрошениот материјал.

Салата на УКИМ, која „изеде“ 2,5 милиони евра, ќе се доградува за уште 900.000

Како што тогаш информираа медиуми, откако страните не можеа да најдат заеднички јазик, изведувачот ја тужеше Агенцијата во Основниот суд Тетово и побара исплата на основниот долг од 440 илјади евра, кој со каматите и останатите трошоци, вкупно изнесуваше 810 илјади евра, а потоа предметот отиде и на Апелација, а стигна и до Врховен суд, кој овој случај го врати на повторно одлучување, а во меѓувреме изведувачот преку извршител да „исцица“ 810 илјади евра од касата на АМС.

Токму затоа спортската сала на УКИМ остана без сопственик бидејќи речиси десет години откако беше ставен камен-темелник, тогашната Агенција за млади и спорт не сакаше да ја преземе салата, тврдејќи дека изведувачот не ги завршил сите договрени зафати, со што просторот не бил подготвен за технички прием, следствено и за предавање на владението од спортскиот објект на УКИМ.

Ректорката Ангелова денеска изјави дека проблемот со владението е решен, додека пак министерот Ристовски соопшти дека новиот проект, вреден 54 милиони денари или околу 900 илјади евра, ќе биде реализиран до крајот на годината, кога, како што вели, салата ќе биде подготвена за да им служи на 7.000 студенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот