Дали по 17 сезони докторката Греј ќе ја напушти серијата „Вовед во анатомија“?

Instagram

По 360 епизоди, новата сезона од „Вовед во анатомија“, што треба да се емитува од 12 ноември, можеби е последна, според најавите на главната актерка и продуцентка на серијата.

Актерката Елен Помпео во серијата „Вовед во анатомија“ ја глуми доктор Мередит Греј уште од првата епизода. Серијата креирана од Шонда Рајмс, по премиерата на 27 март 2005 година стана голем хит, а славата продолжи низ годините. Иако во меѓувреме нови серии почнуваа и завршуваа, „Вовед во анатомија“ опстојуваше без проблем.

Со втората сезона што привлече околу 20 милиони гледачи, имаше дотогаш незабележен успех за ТВ-серија, додека последната 16-та сезона ја гледале повеќе од 15 милиони гледачи. Интересно е тоа што тинејџерите родени во годината кога серијата ја имаше премиерата, денес заедно со родителите ги следат новите епизоди. Серијата е едно од телевизиските шоуа што се емитува најдолго во историјата на телевизијата. Токму „Вовед во анатомија“ беше инспирација за многу млади девојки и жени да ја изберат лекарската професија. И по многу промени што се случија во светот, серијата сè уште опстојува, а на 12 ноември ќе ја има премиерата на 17-тата сезона. Со оглед на новата ситуација со ковид-19 пандемијата, серијата беше снимана под посебни протоколи, а секако ќе ја допре и оваа тема во неколку епизоди.

Instagram

 

Помпео, продуцентка на серијата, која во улогата на Мередит успеа да отстрани бомба од телото на пациент, преживеа авионска несреќа, остана вдовица откако Дерек загина во сообраќајна незгода, од пациент беше претепана речиси до смрт, преживеа клиничка смрт по несреќа со ферибот, вели дека и оваа сезона е еднакво квалитетна и интересна.

Постојано водам битка серијата да биде што подобра. Како продуцент, мислам дека тоа е моја задача. Оваа година ми истекува договорот за продукција, но многу веројатно е и да е последна година од снимање на серијата – изјави Помпео, што изненади многумина.

Елен отсекогаш беше искрена и гласна во борбата да стане најплатена телевизиска актерка. Пред неколку години таа јавно откри како преговарала да има годишна плата од 20 милиони долари, така што според многумина сосема е веројатно и оваа нејзина изјава да е точна.

Тимот на „Вовед во анатомија“ воден од авторката и продуцентка Шонда Рајмс и продуцентката Бетси Бирс, ја создаде првата сезона во период кога не се знаеше дали воопшто ќе се емитува. Во тоа време околу 2004-2005 година, телевизиските серии „Очајни домаќинки“ и „Изгубени“ имаа премиери и стана феномени, нешто што малкумина го очекуваа. Продуцентките морале да се борат и со претседателот на телевизиската куќа Еј-би-си, Стив Мекферсон, кој постојано тврдел дека нема да постигне никаков успех.

Едноставно не сфаќаше каква моќна приказна е таа серија. Мислам дека не сакаше да го види потенцијалот кој го има серијата, затоа што се плашеше од слободоумни и паметни жени, кои не се правдаат затоа што имаат секс кога тие сакаат – вели Помпео за Мекферсон, кој даде оставка откако беше обвинет за сексуално вознемирување, и додава дека две недели откако била емитувана првата епизода, тој инсистирал да се смени насловот на серијата во „Компликации“. Но Рајмс заедно со Криста Верноф и Сузан Петмор Гибс жестоко се бореле за да опстане серијалот и да си го задржи оригиналниот наслов.

Елен Помпео/Instagram

Откако се емитуваше премиерно, и тоа во термин по „Очајни домаќинки“, серија што во тоа време беше ултрапопуларна, „Вовед во анатомија“ постигна гледаност која беше шок за сите. А тоа воедно беше голема шлаканица за Мекферсон – вели Помпео и се сеќава како преку ноќ сите актери од серијата станале мета на папараците.

Не можевте да отворите страница од таблоид, а да нема вест за некој актер од серијата. Секој телевизиски водител, барем по еднаш ќе спомнеше некој од нас. Тоа создаваше многу стрес и драма, а некогаш знаеше да предизвика и ривалство меѓу актерите.

Сепак, за ова Елен смета дека е виновна и долготрајната и исцрпувачка работа, со која се соочиле младите актери.

Голем дел од нас беа млади и неискусни, никогаш немаа доживеано таков успех. Покрај тоа, работевме интензивно по 16 часа на ден, 10 месеци во годината. Тоа создаваше нервоза, исцрпеност, дури и депримираше. Од денешна гледна точка, сметам дека ако голем дел од тие актери кои си заминаа, да можат да се вратат во времето, многу поинаку ќе реагираат, затоа што созреаја и сфатија многу работи.

Пред да почне да се снима, засега последната сезона, Елен долго размислувала, а ја убедила Рајмс, која ѝ кажала дека серијата ќе заврши ако таа си замине.

Како продуцент имам голема одговорност кон сите што работат на серијата и не сакав да ги изневерам. Многу сум возбудена за новата сезона и знам дека ќе биде најдобрата досега. Колку и да ви звучи лудо, верувајте ми, вистина е.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот