Дали наместо К-15, вработените во „Национални шуми“ ќе добијат огревно дрво?
Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, ја објави спогодбата, која вели дека ја добил од загрижени вработени, а според која К-15 ќе се исплаќа во огревно дрво. Тој јавно прашува: Дали ова што е испратено од загрижени работници е потпишано и дали работниците се присилуваат да потпишуваат сами дека се согласуваат К-15 наместо во пари, да се исплати во дрва на кубен метар?
Вработените во „Национални шуми“, спротивно на регулативата, три години не добиваа надомест за годишен одмор, а пред десетина дена оттаму стигна вест дека е постигната спогодба меѓу директорот проф.д-р Здравко Трајанов и претседателот на синдикатот на КСС – СО на работниците во шумарството, шумарскиот инженер Кире Делов, за исплата на К-15 за: 2023, 2024 и 2025 година. Но, претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, ја објави спогодбата, која вели дека ја добил од загрижени вработени, а според која К-15 ќе се исплаќа во огревно дрво. Тој јавно прашува:
Препорачано
– Дали ова што е испратено од загрижени работници е потпишано и дали работниците се присилуваат да потпишуваат сами дека се согласуваат К-15 наместо во пари, да се исплати во дрва на кубен метар?

Во објавената спогодба пишува. „На вработените во ЈП „Национални шуми“ Скопје, регресот за годишен одмор да се исплати во огревно дрво во текот на 2026 година.“ Потоа е објаснето дека регрес за годишен одмор за 2023 година изнесува 10.000 денари, за 2024 е 10.984, а за 2025 година е 12.372 денари.
Склучената спогодба се повикува на член 21 од Општиот колективен договор за јавен сектор, склучен на 20 јули 2023 година. Според овој член, вработените во јавниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор, во висина од најмалку 30 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Дополнително, како заштита за евентуални злоупотреби во член 5, став 2 е предвидено со колективен договор на ниво на сектор, оддел или група, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување или решение, не можат да се определат понеповолни права од правата утврдени со закон и овој колективен договор, а ако се определени, тие одредби се сметаат за ништовни и се применуваат одредбите од овој колективен договор и од закон.
Од ССМ велат дека за лицата кои ќе се обидат да го прекршат правото на работниците обезбедена е и дополнителна заштита од вакви злоупотреби во член 166 од Кривичниот законик како кривични дела против работните односи.
„Тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“, пишува во Кривичниот законик.
Во „Национални шуми“ има околу 1800 вработени. Доколку исплатата на к-15 се врши во огревно дрво, тоа отвора мнгу прашања, а едно од нив секако е како националните шуми ќе се користат за исплата на надоместоци на вработени.
„Слободен печат“ испрати прашање до „Национални шуми“ и го очекува одговорот.


