Вселена Џејмс Веб/ Фото NASA, ESA, CSA, R. Bezanson (PITT PACC), I. Labbe (CAS), and A. Pagan (STScI) via CNP / SplashNews.com / Splash / Profimedia

Дали меѓуѕвездената комета откриена во 2025 е всушност вонземен брод? Научниците конечно имаат одговор

Радио-астрономите неодамна бараа таканаречени „технопотписи“ кои би можеле да доаѓаат од 3I/ATLAS, само третиот потврден меѓуѕвезден објект некогаш забележан во нашиот Сончев систем. Како што се очекуваше, пребарувањето не откри ништо необично, но сепак собра вредни податоци, според научниците, пишува „Спејс“.

– Резултатите добиени со 3I/ATLAS покажуваат колку е реално да се детектира сигнал со технологијата што ја имаме денес – рекла коавторката на студијата Валерија Гарсија Лопез од Универзитетот Фурман во Јужна Каролина.

– Затоа е важно да продолжиме со нашето пребарување за технопотписи, дури и со објекти за кои не очекуваме да емитуваат никакви сигнали – додала таа.

Меѓуѕвездената комета 3I/ATLAS за првпат беше забележана на 1 јули 2025 година од далечинскиот телескоп „Дип рандом срвеј“ Чиле, кој е дел од проектот АТЛАС (Asteroid Terrestrial-impact Last Alert System).

Ова објаснува дел од името „ATLAS“. Ознаката „3I“ означува дека станува збор за третиот познат меѓуѕвезден натрапник, по 1I/’Oumuamu и 2I/Borisov, кои беа откриени минувајќи низ нашиот дел од космосот во 2017 и 2019 година, соодветно.

Телескопските набљудувања силно укажуваат дека сите три посетители се природни објекти, комети формирани во други планетарни системи, кои подоцна биле исфрлени во меѓуѕвездениот простор, најверојатно поради гравитациски интеракции.

Сепак, според главниот автор на студијата, Софија Шеик од Институтот СЕТИ (Потрага по вонземна интелигенција) во Калифорнија, ваквите објекти сè уште вреди да се проучуваат детално.

– На крајот, нашите сонди Војаџер ќе станат вонземни артефакти во други ѕвездени системи. Имајќи го ова предвид, важно е да ја разбереме природната дистрибуција на меѓуѕвездените објекти за еден ден да можеме да препознаеме какви било аномалии што би можеле да претставуваат знаци на вештачки меѓуѕвезден објект – рекла Шеик.

Секако, постои и можност, колку и да е мала, еден или повеќе такви меѓуѕвездени објекти навистина да претставуваат производ на вонземна интелигенција. Токму таква хипотеза беше изнесена еднаш за да се објаснат необичните својства на објектот „Оумуаму“.

Затоа Шеик и нејзиниот тим го проучувале 3I/ATLAS кратко време по откривањето користејќи го телескопскиот систем Ален на Институтот СЕТИ, мрежа од радио антени лоцирани во опсерваторијата Хат Крик во северна Калифорнија.

За време на повеќе од седум часа набљудување, тие барале радио сигнали од тесен фреквентен опсег, односно емисии кои не се поврзани со никаков познат природен феномен.

Истражувачите идентификувале речиси 74 милиони вакви сигнали. По отстранувањето на човечкото мешање и филтрирањето на артефактите предизвикани од движењето на кометата 3I/ATLAS, бројот бил намален на околу 200.

Понатамошната анализа покажа дека овие преостанати сигнали може да се објаснат и како да потекнуваат од Земјата или од сателити во орбитата.

Новата студија, објавена во „Астрономскиот журнал“, „поставува нови ограничувања што дополнително потврдуваат дека 3I/ATLAS е природен објект“, се вели во соопштението на Институтот СЕТИ.

– Набљудувањата овозможија да се утврдат горните граници на моќноста на кој било радио предавател на или во близина на 3I/ATLAS. Ова ги исклучи сигналите посилни од приближно 10 до 110 вати во набљудуваниот фреквентен опсег, што одговара на моќноста на вообичаен домашен апарат – додале истражувачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот