ФОТО | Астронаутот носи Прада — луксузниот бренд ќе ги облече првите луѓе што ќе се вратат на Месечината
Модната куќа „Прада“ направи чекор што малкумина би можеле да го замислат – од модните писти се пресели во вселенската индустрија, пишува „Венити фер“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Италијанскиот луксузен бренд и компанијата „Аксиом спејс“ ја претставија следната фаза од својата соработка на развојот на вселенските одела што ќе ги носат астронаутите во рамките на идните мисии на НАСА кон Месечината.
По претставувањето на надворешниот дел од оделото минатата година, сега е откриен и внатрешниот слој, познат како „Ликвид кулинг енд вентилајшн гармент“ (ЛЦВГ). Неговата улога е да ги штити астронаутите од екстремните услови на Месечината и да помогне во регулирањето на телесната температура.
„Ова е она што ние го нарекуваме одело изработено по мерка“, изјави Лоренцо Бертели, директор за маркетинг и одржливост на Прада.

На прв поглед, новото одело изгледа како футуристичка верзија на класичните астронаутски униформи, но зад неговиот дизајн се кријат години истражување и развој на напредни материјали.
Според претставниците на „Аксиом спејс“, идните мисии „Артемис“ ќе ги однесат астронаутите на јужниот пол на Месечината, каде што условите се далеку поекстремни од оние со кои се соочувале астронаутите во времето на програмата „Аполо“.
„Можете да стоите со едната нога во сенка, а со другата на сонце. Разликата во температурата може да достигне и до 400 степени“, објасни Џонатан Сиртејн, извршен директор на „Аксиом спејс“.

Токму затоа новото одело мора да издржи огромни температурни разлики, но истовремено да обезбеди удобност и безбедност за астронаутите.
Бертели нагласи дека Прада во последните две децении инвестирала повеќе од милијарда долари во развој на технички материјали преку својот спортски бренд „Луна Роса“, што ја направило идеален партнер за ваков проект.
„Ние го имаме знаењето за производство на ваква опрема, а тие ја имаат технологијата. За нас е сосема нормално еден ден да работиме на класичен костум, а следниот на нешто вакво“, рече Бертели.

Соработката меѓу модната куќа и вселенската компанија предизвика големо внимание уште кога беше најавена. Многумина се прашуваа зошто астронаутите би носеле Прада во вселената, но денес проектот е еден од најамбициозните примери за поврзување на модата, науката и технологијата.
Според плановите, новото вселенско одело прво ќе биде тестирано во 2027 година, а потоа ќе биде користено во програмата „Артемис“, која треба да го врати човекот на површината на Месечината за првпат по легендарната мисија „Аполо 17“ во 1972 година.


