Дали ќе се реши една од најголемите мистерии? Руината на овој германски брод може да ги крие остатоците од килибарната соба (ФОТО)

Фото:Профимедиа

Руина на германски брод, потонат во последните денови од Втората светска војна, може да ги крие остатоците од килибарната соба, една од најголемите нерешени историски мистерии.

Нуркачите, предводени од Томаш Стачура, по повеќе од една година потрага ги открија остатоците од бродот „Карлсруе“ на дното на Балтичкото море, недалеку од градот Уштка, на длабочина од 88 метри.

Фото: Фејсбук/Томаш Стачура

Бродот долг 66 метри последен испловил од Калининград, тогаш познат како Кенинсберг, кој бил под германска окупација. Тој учествувал во масовната евакуација на Германците од тој дел, тогаш позната како Источна Прусија, која и припаѓаше на Германија во тоа време, во април 1945 година, пишува Лајвсајанс.

Евакуацијата, позната и како операција Ханибал, започнала поради напредувањето на Црвената армија, која ги победила нацистичките сили.

Фото: Фејсбук/Томаш Стачура

Бродот тргнал од Калининград на 12 април 1945 година, со 1.000 патници и 360 тони товар. Сепак, во зората на 13 април, тој бил погоден од торпедо од советски авион, а од бродот преживеале само 113 лица.

Многу историчари веруваат дека во него може да се најдат остатоци од килибарната соба, кои Германците ги украле од Царското село во Санкт Петербург.

Собата направена од шест тони килибар и покриена со скапоцени камења и злато, ја добил на подарок рускиот цар Петар Велики од прускиот владетел Вилхелм Први како залог на пруско-рускиот сојуз во војната против Швеѓаните.

Собата се изработувала цели десет години, а пред да ја украдат Германците, таа се наоѓала во замокот на Катерина Прва, сопругата на Петар Велики.

Фото: Фејсбук/Томаш Стачура

Кураторите биле задолжени да ја сокријат килибарната соба, но Германците ја откриле и ја заплениле. Потоа ја префрлиле на делови во Кенинсберг, каде повторно ја изложиле.

Сепак, по ослободувањето на Калининград и повлекувањето на Германците, килибарната соба изгубила секаква трага.

Затоа историчарите веруваат дека токму бродот „Карлсруе“ бил искористен за тајно пренесување на таа скапоценост во Германија.

Фото: Фејсбук/Томаш Стачура

Нуркачите успеале да се приближат до кршот, но нуркањето на длабочина од 88 метри не е лесно, па сега имаат намера да го истражуваат користејќи современи технологии.

Стачура вели дека бродот е релативно зачуван и дека на палубата може да се видат воени возила и спакуван товар, но не и што има во него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот