ЦУК: Поплави и свлечишта во источниот регион по обилните дождови
Обилните врнежи од дожд кои го зафатија источниот регион утрово предизвикаа поплавување на простории и дворови во повеќе објекти на територијата на општина Чешиново – Облешево и околните села, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
Препорачано
Според податоците добиени од градоначалникот на општината, Далибор Ангелов, локалната самоуправа е активно присутна на терен со сите расположливи ресурси. Во интервенциите учествуваат и ТППЕ Кочани, Водостопанство „Брегалница“ и РЦУК – Кочани, а е побарана и дополнителна материјално-техничка помош за испумпување на вода од поплавените објекти.
Али информира дека реките Брегалница и Кочанска река имаат значително зголемен водостој, а на одредени локации во општините Штип и Чешиново – Облешево е забележано нивно излевање од коритата.
Како последица на врнежите, утрово се појавија свлечишта на експресниот пат Радовиш – Штип и на патниот правец Злетово – брана Кнежево. ЦУК веднаш го информирал ЈП „Македонија пат“, чиј тим излегол на терен и интервенирал.
Дополнително, лизгање на земјиште е забележано и во село Липково, кај местото викано Кисела Вода. Општината соопшти дека располага со ограничени ресурси за интервенции од ваков тип и затоа побарала вклучување на државните институции за санирање на свлечиштето.


