Црни денови ги чекаат Америка, Европа и Африка – главната атлантска струја е блиску до критичната точка на колапс
Критичниот атлантски систем на океански струи изгледа значително поверојатно да колабира одошто се мислеше претходно, откако ново истражување покажа дека климатските модели кои предвидуваат најголемо забавување се всушност најреалистични. Научниците го нарекоа ова откритие „многу загрижувачко“ бидејќи таквиот колапс би имал катастрофални последици за Европа, Африка и за Америка, објави „Гардијан“.
Препорачано
Атлантската меридијална превртена циркулација (AMOК) е клучен дел од глобалниот климатски систем и веќе е познато дека е на најслабото ниво во последните 1.600 години како резултат на климатската криза. Научниците во 2021 година забележаа предупредувачки знаци за приближување кон критична точка, а познато е и дека овој систем колабирал во минатото на Земјата.
Климатските научници користат десетици различни компјутерски модели за да ја проценат идната клима. Меѓутоа, за комплексниот систем АМОК, тие даваат многу различни резултати – од модели што не покажуваат дополнително забавување до 2100 година, до оние што предвидуваат огромно намалување од околу 65 отсто, дури и ако емисиите од фосилни горива постепено се намалат до нула.
Истражувањето ги поврзало реалните океански податоци со климатските модели за да утврди кои од нив најверно ја отсликуваат состојбата, со што значително се намалува неизвесноста во прогнозите. Резултатите укажуваат на забавување на AMOК од 42 до 58 отсто до крајот на векот – ниво што сериозно го доближува системот до точка на колапс.
Штетата од природни катастрофи во светот изнесува 224 милијарди долари за една година
Што е АМОК?
Овој океански механизам игра клучна улога во распределбата на топлината, носејќи топла вода од тропските предели кон Европа и Арктикот, каде што таа се лади и потонува. Неговото нарушување би предизвикало поместување на појасот на врнежи, со директни последици врз земјоделството, екстремни зими и суши во Западна Европа, како и дополнително покачување на нивото на морето.
Според водечкиот автор на студијата, Валентин Портман, новите наоди покажуваат дека слабеењето на АМОК ќе биде поголемо од претходно проценетото, што значи дека системот е поблиску до критична точка. Сличен став има и Штефан Рамшторф, кој предупредува дека токму „песимистичките“ сценарија се покажуваат како најреални бидејќи најдобро се совпаѓаат со набљудуваните податоци. Тој оценува дека постои реална опасност точката по која колапсот станува неизбежен да биде достигната веќе во средината на векот, при што ризикот сега се проценува како значително поголем отколку порано.
Зошто се случува ова?
Причините за забавувањето лежат во забрзаното затоплување на Арктикот, кое го намалува ладењето и потонувањето на водата. Потоплата и послатка вода има помала густина, што го забавува целиот циркулациски процес и создава повратна спрега што дополнително го влошува трендот.
Иако системот е исклучително сложен и подложен на природни варијации, научниците очекуваат значително слабеење во наредните децении. Новата анализа, објавена во „Сајнс адвансес“, користи напредни статистички методи како риџ-регресија за подобро усогласување на моделите со реалните податоци, особено во однос на соленоста на јужниот Атлантик – фактор што се смета за клучен. Дополнително, постои ризик реалната состојба да биде уште полоша бидејќи моделите не го земаат предвид влијанието од топењето на гренландскиот мраз.


