Честитка од министерот Оливер Спасовски по повод 24 мај, денот на просветителите Св. Кирил и Методиј

Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во свое и во име на МВР им го честиташе на граѓаните државниот празник 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, мисионерите на христијанството помеѓу Словените, почитувани како светци еднакви со Апостолите, а во поново време и патрони на Европа.

-Нивната мисија била да служат за доброто на сите словенски народи, да бидат во единство со Црквата. Токму затоа се и сметани за симболи на културниот дијалог помеѓу Источниот и Западниот христијански свет. А, за нас Македонците, за овој процес на создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбениците на Светите браќа, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе ја создадат кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо, со право можеме да кажеме дека Писмото, македонскиот јазик, е наш универзум, темелот на нашиот идентитет! Нека е за многу години 24 Мај- Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, пишува во чесститката од министерот Спасовски.

24 Мај не случајно е избран за одбележување на делото на Светите браќа како носители на писменоста на словенските народи. Изумувајќи ја глаголицата, првата азбука на која се препишал старословенскиот јазик, тие ја започнале и Моравската мисија како тогаш најучени во целата Византиска империја. Целта била на разбирлив народен јазик да се проповеда учењето на Спасителот. Па, така, Светото писмо било прво преведено, по што следеле богослужбени книги кои го јакнеле духот на народот.

Полемизирајќи со оние кои имале отпор кон јазикот на Кирил, т.н. тријазичници, според тоа дека признавале богослужба само на трите јазици испишани на Христовиот крст – грчки, еврејски и латински, тој ја докажал потребата на секој народ да пишува и да ги кажува своите молитви кон Бога на својот јазик. Во одбрана на вистината тој рекол: „Не врне ли дожд од Бога еднакво врз сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зар не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глупави?”

Римскиот Папа Адријан Втори и римските граѓани ги пречекале Кирил и Методиј со голема почит – со признание на словенското писмо за свето и со дозвола за употреба на словенскиот јазик во богослужба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот