Челси и Виљареал се борат за првиот европски трофеј

Челси и Виљареал од 21.00 часот ќе се борат за првата европска титула во новата сезона 2021/2022 денеска на „Виндзор парк“ во Белфаст.
Традиционалниот судир меѓу победниците од минатата сезона во Лигата на шампионите и Лига Европа за УЕФА Суперкупот оваа година ќе се одржи во главниот град на Северна Ирска.
Лондонскиот гигант има многу повеќе искуство, бидејќи четири пати се бореше за овој трофеј – во 1998, 2012, 2013 и 2019 година. Лондонските „сини“ го освоија само еднаш, пред 23 години. Од друга страна, за Шпанците ова ќе биде нивно деби. Минатиот мај славеа во финалето на Лига Европа со победата по пенали против Манчестер јунајтед и стигнаа до првата титула во историјата на клубот.
🏆 Who will win the UEFA #SuperCup?
— UEFA (@UEFA) August 11, 2021
Стрелец на победничкиот гол за Челси во финалето на елитното натпреварување против Манчестер сити беше Каи Хаверц.
– Како деца, сите ние сонуваме да ја освоиме Лигата на шампионите, и ќе имаме шанса да го одбраниме трофејот следната сезона. Сакаме да продолжиме со освојување на титули и во новата сезона. Имаме добар тим и подготвени сме за тоа – вели Хаверц.
Еден од најдобрите играчи на Виљареал, Жерар Морено истакнува дека неговата екипа нема да се предаде така лесно, иако Англичаните се фаворити.
– Имаме силен ривал пред нас, но беше и Јунајтед во финалето на Лига Европа. Веруваме во себе и возбудени сме за новиот предизвик – се зборовите на Морено.