Чеферин ја критикуваше ФИФА: Фудбалот така станува недостижен за вистинските навивачи
Александар Чеферин испрати критики кон ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино поради цените на билетите за претстојното Светско првенство 2026 кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Препорачано
Првиот човек на УЕФА смета дека превисоките цени веќе ги оттурнуваат обичните навивачи од идејата да присуствуваат на најголемиот фудбалски спектакл.
Според Чеферин, стадионите сигурно ќе бидат исполнети, но прашањето е каква публика ќе биде на трибините. Тој предупредува дека фудбалот со таквите цени станува недостапен за луѓето кои со години живеат за овој спорт, додека местата ги заземаат оние кои без проблем можат да платат огромни суми за билети.
Чеферин потенцира дека во САД постои доволно богата публика која може да ги наполни арените, но додава дека тоа не треба да биде главната цел на фудбалот.
„Во УЕФА ќе ги задржиме старите цени за билетите за Европското првенство. Ако веќе сакаат да заработат повеќе, нека ги зголемат цените на ВИП-ложите, таму има доволно заинтересирани. Но, не треба да се одзема фудбалот од вистинските навивачи“, порача Чеферин.
Тој посочи и конкретен пример, откривајќи дека билет за финалето достигнува цена од околу 7.500 евра, а кога ќе се пресметаат патните трошоци и сместувањето, целото искуство станува практично недостижно за најголемиот дел од навивачите. Според него, токму тоа ја нарушува вистинската смисла на Светското првенство.
Шпанија на Мундијалот ќе оди без ниту еден фудбалер на Реал Мадрид?!


