Петиција за суспендирање на новиот Ценовник на ПОЦ

Центарци со петиција против новиот паркинг-систем на „ПОЦ“

Преку потпишувањето на оваа петиција, која до овој момент брои нешто над 1.000 потписи, жителите бараат итно суспендирање на новиот ценовник и спроведување на, како што се наведува, вистински консултации со жителите, како и организирање јавна расправа со претставниците на сите паркинг-сектори во Општина Центар.

Откако Советот на Општина Центар изгласа покачување на цената на паркинг по возило, од ЈП „ПОЦ“ најавија нов систем на паркирање на јавните површини, со кој, како што велат од претпријатието, просторот ќе се користи порационално, а жителите ќе можат полесно да најдат паркинг во близина на својот дом.

– Токму затоа, со последните одлуки на Советот на Општина Центар, се воспоставува нов систем на паркирање во кој јавниот простор ќе се користи порационално, а жителите полесно ќе можат да дојдат до паркинг-место во близина на својот дом, односно таму каде што тоа е најпотребно – велат од ПОЦ.

„ПОЦ“: Новиот систем ќе ги намали злоупотребите

Оттаму додадоа дека со новиот систем очекуваат да се намалат злоупотребите на паркинзите, да се зголеми користењето на жителските гаражи и паркинзи, особено во Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и строгиот центар, каде, како што велат од ПОЦ, притисокот врз јавниот простор е најголем.

„ПОЦ“: Новиот систем за паркирање ќе биде фер за сите жители и ќе ги намали злоупотребите на јавните паркинзи

Можеби најважната промена што ќе ја донесе овој нов систем е начинот на издавање на повластени паркинг- карти за жители. Наместо како досега – по жител, картите отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адресата на живеење. Со оваа промена, само едното возило пријавено на таа адреса ќе добие повластена цена, додека, пак, за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари.

– Досегашниот модел создавал сериозен дисбаланс во користењето на јавниот простор. Во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можеле да се регистрираат и повеќе возила под повластени услови, за бесплатно паркирање или паркирање со минимален надоместок, што дополнително го оптоварувало и онака ограничениот паркинг-капацитет. Паркинг-просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, додека други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Дополнително, притисокот врз паркинг-просторот постојано расте, бидејќи потребите за користење се сè поголеми, а расположливиот јавен простор останува ограничен – велат од претпријатието.

Исто така, новиот систем предвидува и воведување на Зона „Х“ за хуманитарни паркинг-места, кои ќе се разликуваат од другите во обележувањето и ќе бидат наменети за ранливите категории. Средствата собрани од нивното користење ќе се донираат за хуманитарни цели, во соработка со Црвен крст, велат од ПОЦ.

Жителите бараат укинување на измените

Сепак, кратко по најавата на новата програма, дел од жителите на Центар го оспорија новиот систем и новиот ценовник, а најгласни беа членовите на фејсбук-групата „За пристоен Капиштец“, од каде што веќе започнаа петиција и собирање потписи за поништување и укинување на новиот паркинг-систем на „ПОЦ“, уште пред да стапи на сила.

Оттаму потенцираа дека „ПОЦ“ во 2025 година остварило приходи од речиси 250 милиони денари, што според жителите е рекордна бројка, но и покрај тоа, како што велат, претпријатието се одлучило на центарци да им наметне нов поскап ценовник и правилник кој им ги скратува услугите.

„17 милиони нето добивка, 44 милиони акумулирана добивка. Претпријатие во рекорден плус. И во истата таа година, на граѓаните им се наметнуваат нов Ценовник и Правилник кои кратат права и поскапуваат услуги. Без анкета. Без расправа. Без образложение. Без наша согласност. Граѓаните не забораваат. Граѓаните паметат. Граѓаните бројат. Граѓаните гласаат“ наведено е во објавата на фејсбук-страницата „За пристоен Капиштец“.

Своето незадоволство за овие промени центарци го покажуваат и преку неодамнешната онлајн петиција со која од градоначалникот Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар и директорот на ЈП „ПОЦ“ Душко Коцевски бараат да се суспендира новиот ценовник на „ПОЦ“ и јавна расправа со жителите.

Петиција за суспендирање на новиот Ценовник на ПОЦ

Во петицијата се наведува дека одлуката за нов ценовник и правилник за паркирање во Центар била донесена без претходна анкета или јавна расправа, при што жителите кои, како што велат, директно се опфатени со овие одлуки воопшто не биле консултирани при донесувањето на овие промени, а особено незадоволство покажаа кон поскапувањето на месечните паркинг-карти.

„Со новиот Ценовник, семејство чии членови поседуваат две возила регистрирани на иста адреса, но на различни сопственици, почнува да плаќа 6.000 денари годишно за второто возило. За третото возило наплатата е 18.000 денари годишно. Вкупно, семејство со три возила ќе плаќа до 24.000 денари годишно само за паркирање пред сопствениот дом. Дополнително, користењето на паркинзи надвор од сопствениот сектор, кое досега беше бесплатно, сега се наплаќа по 500 денари по возило месечно. Ова не е мала административна корекција. Ова е значителен финансиски удар врз семејните буџети, наметнат без никакво образложение и без ниту еден ден дијалог со граѓаните“, се вели во петицијата.

Центарци бараат јавна расправа

Жителите потенцираа дека „ПОЦ“ пред да ги зголеми цените, треба да обезбеди поквалитетна услуга од аспект на редовно одржување и чистење на паркиралиштата, како и подобро справување при отстранување на паркираните возила кои не се дел од резидентните паркинзи, но сепак постојано ги узурпираат паркинг-местата наменети за граѓаните кои живеат во тој реон.

„Потсетуваме исто така дека пред зголемување на цените, ПОЦ е должно да обезбеди квалитетна услуга: обележани паркинг места, редовно одржување и чистење, доследно спроведување на резидентниот режим на мешаните паркиралишта и достапна услуга за отстранување на непрописно паркирани возила во сите часови и во неработни денови. Ниту едно од овие не е обезбедено на задоволително ниво“, се вели во барањето на жителите.

Преку потпишувањето на оваа петиција, која до овој момент брои нешто над 1.000 потписи, жителите бараат итно суспендирање на новиот ценовник и спроведување на, како што се наведува, вистински консултации со жителите, како и организирање јавна расправа со претставниците на сите паркинг-сектори во Општина Центар.

Исто така, потписниците на петицијата бараат јавно образложение за потребата за зголемување на цените за паркинг, како и да ги оправдаат причините за оваа одлука, но и конкретен план со кој, како што велат, би се подобрил квалитетот на паркинг-услуга.

„Паркинзите се јавна инфраструктура. Одлуките за нивното користење мора да се носат транспарентно и со учество на граѓаните. Тоа не е привилегија. Тоа е законска обврска и основно демократско право“, се вели во петицијата.

До објавувањето на овој текст, ни Општината, ни „ПОЦ“ не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ дали размислуваат за укинување на новиот систем, барем привремено, и исполнување на барањата и одржување јавна расправа со жителите пред имплементирање на новиот ценовник и правилник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот