Бугарија прва нѐ призна, но заборавивме дека тоа беше како „втора бугарска држава“, вели Мухамед Халили

Мухамед Халили, Фото: Архива

Бугарија прва ја призна Македонија како независна држава, но ние ги заборавивме нивните тврдења зошто ја признале Македонија, вели Мухамед Халили, претседател на невладината организација Совет на амбасадори, во интервју за „Макфакс“.

– Нивниот тогашен премиер се изјаснил: „Ние ја признаваме Македонија како втора бугарска држава“ и таа негова констатација ние не ја зедовме здраво за готово. И според мемоарите на Глигоров, самиот тогашен премиер Георгиевски со радост ја примил веста, но рекол дека проблемот со јазикот и нацијата ќе го решат историјата и историчарите. За жал, многу време помина од тогаш, ниту историјата ниту политиката не го решила тој проблем, вели Халили.

Анализирајќи ги најновите случувања во македонско-бугарските односи, Халили оценува дека Бугарија погрешила и дека е свесна за тоа.

„Сега сака да ја покрие својата грешка. Овој проблем излезе на виделина кога Бугарија пред светот сакаше да ја пласира тезата: Да, држава Македонија постои, но не постојат македонски народ и македонски јазик. Бидејќи нивната теза не беше прифатена, тие го променија мислењето и паднаа во замка, па сега велат: ние се бориме за правата на бугарското малцинство кое живее во Македонија“.

За инцидентот со претепаниот Пендиков и за реакцијата на шефот на државата, Халили оценува дека Пендаровски требало да почека со реакцијата.

„Проблемот е многу деликатен, тој беше пред една дилема – дали да реагира или да не реагира. Но, секоја реакција, каде што минското поле не е расчистено, има ризик да паднеш на мина. Според мене, подобро ќе беше да чекаше да заврши процесот на полициско-судските постапки, па кога ќе имавме јасна слика од овие институции, тој да реагира“, рече Халили.

Оценува дека Османи успешно се справува во проблемот со Бугарија.

„Некои му наоѓаат мана зошто тој е Албанец и се грижи за еден проблем, кој е типично етнички“, вели Халили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот