Бронза за Стојановиќ од „Макпетрол“ на Светскиот младински карате шампионат
Стефан Стојановиќ, член на карате клубот „Макпетрол”, се закити со бронзен медал на Светското првенство за младинци во Венеција, Италија. Одличјето освоено на турнирот во италијанскиот град е втор медал од младинските мундијали за македонскиот каратист.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во борбата за бронзен медал во категоријата над 84 килограми во младинска конкуренција, Стојановиќ го совлада Николаи Секот од Германија со 3:2. Македонскиот репрезентативец направи одличен пресврт откако противникот ги освои првите два поени.
Многу лесно можеше да се бори и во финалето, откако во полуфиналната борба ремизира 3:3 со Италијанецот Матео Аванзини, но победата му беше доделена на домашниот натпреварувач поради правилото, „прв освоен поен”. Претходно нашиот каратист имаше три победи по ред на патот до полуфиналето.
Стојановиќ пред две години освои сребро во Коња, Турција. Тој има и два медали од младинските Европски првенства, злато како јуниор и бронза во младинска конкуренција. Стојановиќ моментно е на прво место на Светската карате ранг-листа.
Македонската карате репрезентација во Венеција настапи со 35 каратисти со 37 натпреварувачки влезови. На Светското првенство во италијанскиот град учествуваа 1,990 спортисти со 1,936 натпреварувачки влезови од 113 држави.


