БРО реагира на барањата на ФИНКИ: Трајно решение наместо сместување во „привремени објекти“

Фото МИА

Со постојан притисок до Министерството за образование и наука, до Генералниот секретаријат на Владата и другите државни органи се бара дислоцирање на Бирото за развој на образованието (БРО), при што ФИНКИ се дрзнува да дава „произволни“ решенија за Бирото, а што се од суштинско значење за институцијата, само за да реши сопствен „просторен проблем“ и тоа „привремено“, реагираат од БРО на барањето на Факултетот, да се изврши релокација на Бирото.

– Институцијата повеќе од 40 години е сместена во „привремени“ објекти/бараки во сопственост на државата за кои домаќински се грижи и ги одржува за непречено одвивање на работните задачи во нејзина надлежност и од чија реализација зависи и секојдневната работа на училиштата, наставниците, директорите на училиштата, како и на другите институции и организации од областа на образованието, се вели во реакцијата.

Од Бирото порачаа дека ќе продолжат да си ја вршат работата на истата локација, сè додека не се изгради објект според потребите и надлежностите на институцијата.

– Исто така, ги информираме Министерството за образование и наука, Владата и сите други надлежни институции дека нема да прифатиме никакво решение во врска со просториите на Бирото за развој на образованието, доколку во процесот на изнаоѓање решение не бидат вклучени претставници од Бирото и не бидат земени предвид сите потреби и специфики поврзани со дејноста на Бирото за развој на образованието. Во спротивно, иако за нас неприфатливо, но според „обрасците“ на однесување во државата и решавање на проблемите со притисоци, информираме дека ќе ги запреме нашите секојдневни активности и ќе ги повикаме на поддршка сите соработници (наставници, директори, воспитувачи, стручни соработници …), додаваат од БРО.

Во реакцијата се наведува дека го поддржуваат Факултетот во залагањата да обезбедат соодветни услови за настава, наместо да бара „привремено“ решавање на проблемот во „привремените објекти“ на Бирото за развој на образованието, во кои нема услови за настава.

– Исто така, се прашуваме, дали можеби „привременото решение“ е првиот чекор „атрактивната“ локација на „привремените објекти“ да прерасне во „повеќенаменски објект“ и трајно решение за, за сега, непознати намени, додаваат од Бирото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот